Ви препорачуваме
Мартинка – симболот на Баба Марта и предвесник на пролетта
На првиот ден од месец март, да се потсетиме на традицијата на носење мартинки – еден мал украс кој нашите родители, тетки или баби го закачувале или, пак, врзувале на нас и сме го носеле од 1 март, па сè до крајот на месецот, а по некои други верувања таа се става и на 14 март.
Се вадат на 31 март, попладне или навечер и се врзуваат некаде на дрво за здравје и бериќет
Мартинката претставува украс направен од коноп во црвена и во бела боја. Тие се симболот на Баба Марта, нам позната како предвесник на пролетта.
Мартинката, односно црвената и белата боја, ја симболизира желбата за добро здравје и воедно ја предвестува пролетта. Во едно верување црвената боја ја симболизира крвта, а белата боја чистотата, во друга, животот и смртта, потоа доброто и злото, како и среќата и тагата во животот на еден човек.
Еден од обичаите вели дека мартинката се добива како подарок и дека таа никогаш не се купува за себе, туку се дава на своите најблиски и на пријателите. Може да се носи закачена за гардеробата или, пак, врзана околу раката или вратот.
Носењето мартинки е стар обичај и според некои тој има корени уште од античко време. Сепак, во пишана форма за мартинките можеме да прочитаме во книгата на браќата Миладиновци од Струга, каде што се вели дека дента спроти Марта се сучат црвено и бело предено и се носат за здравје.