Мис Универзум: Убавицата од Индија ја освои круната
Новата Мис Универзум беше избрана на 70. Светски избор за убавина во Израел. Харназ Санду (21), Мис на Индија, беше прогласена за победничка што ја прави Мис Универзум за 2021 година.
Победничката Санду зад себе остави 79 убавици од различни земји. Титулата прва придружничка ја освои Мис Парагвај Надиа Фереира, додека Мис Јужна Африка Лалела Мсване беше избрана за втора придружничка.
Круната на Мис Универзум Харназ ја врачи минатогодишната победничка Андреа Меза.
Оваа година фокусот беше на глобалното затоплување, а секоја претставничка на изборот за Мис Универзум требаше да покаже како секој од нас може да помогне да се спаси нашата планета со мали промени во однесувањето.
Харназ Санду од Индија на натпреварот се претстави како силен поборник за зајакнување на жените во светот. Работи како актерка, а најголема инспирација и се славната Пријанка Чопра и нејзината мајка, која е гинеколог, а со која уште од мала волонтирала во кампови за девојчиња, образувајќи ги за хигиената. Во слободното време се занимава со јога, танцување, готвење, јавање и играње шах.
Жирито го сочинуваа Адријана Лима, познат топ модел, актерката и водителка Адамари Лопез, поранешната Мис Универзум Ирис Митенаер, актерката Маријан Ривера, познатата боливудска актерка Урваши Раутела и добитничката на Еми наградата Рена Софер.