Занимливости
На бебињата треба да им се чита пред да прозборат
Родителите во просек почнуваат да им читаат на децата дури кога имаат девет месеци или повеќе, а би требало многу порано, смета германското Здружение за читање во една студија.
Авторите на студијата укажуваат дека кај раното читање на децата не станува збор само за нивното учење говор, туку и за чувството на згриженост, истакнувајќи дека репрезентативното истражување покажало дека една петина од децата остануваат без тоа искуство.
Личните стремежи на некои родители во поново време, како што се слушање Моцарт за време на пливање или учење кинески пред децата да проодат, изродија и некои необични појави.
Но, експертите за образование сметаат дека основната тенденција е позитивна. Доброто и разновидно образование е многу важно, покажа репрезентативно истражување меѓу родители кои имаат деца на возраст меѓу три месеци и три години.
Вкупно 86 отсто од мајките и татковците велат дека доброто образование е важно за нивното дете, што е повеќе од оние кои велат дека им е важна човечноста и доброто однесување на нивните деца (83 отсто).
На повеќето родители им е разбирливо дека читањето само по себе спаѓа во образование. Сепак, кај многу родители е забележлива грешка во размислувањето кога е во прашање читањето на децата.
– Родителите имаат многу трезвен поглед на читањето. И мислат дека детето треба веќе нешто да знае за да има корист од читањето. Сепак, тие ја потценуваат емотивната компонента на овој ритуал, изјави раководителката на студијата Симон Емиг.
Заедничкото прелистување на сликовница или книга придонесува за создавање блискост, а притоа кај детето предизвикува чувство на сигурност и заштитеност.
Кога е читањето во прашање, никогаш не може да биде прерано. Истражувањата покажуваат дека една петина од родителите воопшто не им читаат на своите деца, а секоа второ дете трасте во домаќинство со најмногу десет детски книги.
– Ако на децата често им се чита и ако и самите читаат, тогаш подоцна во животот им е полесно да разбираат текстови, додава Емиг.
Навиката на родителите да им читаат на децата не е само работа на образование, туку и на лични искуства од детството.
– Тоа е магепсан круг: кој не доживеал родителите да му читаат, веројатно ни самиот нема да го прави тоа, заклучува таа.
Оваа навика нема врска ниту со степенот на образование на родителите ниту со примањата. Експертите велат дека често пати е доволно малку за почеток на ритуалот на читање. Понекогаш детската книга како подарот е поттик. Затоа што, според студијата, само секоја седма родителска двојка не ја искористила книгата што детето ја добило на подарок.