Низ објективот
МАГИЧНА ВЕЧЕР ПОД СВЕЌИ: Марио Хосен и камерниот оркестар Профундис го „ослепија“ Скопје со светлина и звук (ФОТО)
Илјадници свеќи ја осветлија сцената на Филхармонијата во Скопје, претворајќи ја во магична атмосфера за премиерното издание на првиот „Candlelight“ концерт. Камерниот оркестар Профундис, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ, ја однесе публиката на уникатно музичко патување, а светски познатиот виолинист Марио Хосен, роден во Пловдив, Бугарија, заблеска на сцената како солист.
Интимниот амбиент на концертот создаде подлабока врска помеѓу публиката и изведувачите, трансформирајќи го традиционалниот концертен простор во една хипнотизирачка симбиоза од музика и светлина. Публиката, освоена од магичниот момент, го награди изведувањето со дури два биса и стоечки овации.
Марио Хосен, со својата виртуозност, го освои срцето на публиката со своето магично изведување на делата на реномираните композитори како Вивалди, Паганини, Холст и Глас. Хосен брилираше со изведба на Четирите годишни времиња од Антонио Вивалди и виртуозното дело од Никола Паганини – „I Palpiti“, кое ретко се изведува поради својата техничка виртуозност.
Овој концерт не само што беше иновативен и модерен, туку и го додаде Скопје на листата на градови во кои се одржуваат „Candlelight“ концертите, кои ширум светот го освојуваат срцата на музичката публика.
Организаторите и изведувачите на концертот ги исполнија сите очекувања на публиката, а репертоарот составен од делата на великите композитори, како и праизведбата на дело од Филип Глас, го направи овој настап нешто повеќе од обично музичко изведување.
Заедно со Камерниот оркестар Профундис, Марио Хосен ги претстави на сцената на Филхармонијата во Скопје уникатните звуци и емоции, кои ќе останат во срцата на публиката долго по завршувањето на овој вистински музички спектакл.