Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Македонска пошта осветлена како реактор во нуклеарно зелена боја (ФОТО)

Низ објективот

Македонска пошта осветлена како реактор во нуклеарно зелена боја (ФОТО)

Македонска пошта осветлена како реактор во нуклеарно зелена боја (ФОТО)

React/or е светлосна инсталација направена на зградата на шалтерната сала на „Пошта на Северна Македонија – Скопје“. Во еден од највпечатливите објекти во Скопје, зграда која се најде во светските енциклопедии на брутализмот, изминатиот месец се случува уметност што повеќето случајни минувачи не ја ни забележуваат.

Навечер, кога градот тоне во мрак и на градските улици се гледаат само уличните светла, во оваа маркантна зграда во изминатиот период се гледа зелена светлина, која остава впечаток како во неа да се случува некоја хемиска или нуклеарна реакција. Скопскиот светлосен дизајнер Mартин Димитријев со оваа дистописка инсталација го преиспитува гледањето кон денешниот град и неговите знаменитости, кои ги имаме запоставено и загадено од физички аспект, но и од аспект на човечки вредности. Нуклеарните и хемиските реакции во јадрото на зградата симболизираат создавање нова енергија, нов импулс за создавање и повторно обмислување на градските простори.

Зелената боја на фасадата, не случајно избрана, ја симболизира новата енергија, новиот импулс за создавање и повторно обмислување на зградата на уништената шалтерна сала, но и другите градски простори. Поштата е една од малкуте згради претставници на специфичен архитектонски стил, карактеристичен за едно време и при инсталацијата е третирана со сета должна почит и внимание кон архитектот и зградата, со акцент на ненаметливост на инсталацијата и задржување на автентичноста на објектот.

Целата инсталација, вели дизајнерот Димитријев, започна со прашањето што си го поставив себеси, „Што е ПОШТАТА доколку не е ПОШТА?“

„По неколку прошекти околу објектот внатре и надвор, разгледувајќи фотографии и спомени на скопјани од оваа зграда, заклучив дека таа може да претставува извор на непресушна енергија, нешто што може лесно и само по себе да се регенерира, обнови, нешто што ми дава надеж дека не е тажен крај. Токму од таму и доаѓа името РЕАКТ/ОР изведено од зборот РЕАКТОР, кој означува извор на енергија. Но, покрај оригиналното значење има и една заднинска мисла, за мене лично многу важна, а тоа е делбата на зборот РЕАКТОР на два дела, односно РЕАКТ (англиски REACT) и ОР (англиски OR). Во овој случај, мојот превод на името на делото е: ‘Ќе реагираме, ИЛИ?’ Мислам дека ова е наслов што отвора многу прашања, многу мисли недовршени, многу теми зачнати, многу разговори започнати“, додава Димитријев.

Објектот на централната пошта во Скопје е проектиран од архитектот и уметник Јанко Константинов, а завршен е со градење во 1979 година.

Шалтерната сала на поштата, заедно со дел од канцелариите на вториот кат и покривот целосно изгореа во пожарот што го зафати објектот на поштата на почетокот на 2013 година, а штетата од аспект на културно-историско, уметничко и градско наследство е непроценлива. 

Симболично, долниот спрат на поштата е целосно темен, на вториот спрат се осветлени неколку канцеларии со внатрешна зелена светлина, која кулминира со светлата што ги осветлуваат горниот кат и покривот. Тешко забележливото светлосно пулсирање на горниот кат на фасадата и на покривот на зградата е поврзано со името на инсталацијата, “React/or” и со пораката што делото ја испраќа. Внатре, хемиските и нуклеарните реакции во јадрото на зградата го симболизираат создавањето на нова енергија, нов импулс во креирањето и реобмислувањето на јавните простори.

Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) кон крајот на минатата година веќе ја оствари првата средба со раководството/директорот на „Пошта на Северна Македонија – Скопје“, Јани Макрадули, на која е договорено наоѓање трајно законско решение за овој објект, уредување на механизмите за управувањето на објектот и неговото понатамошно одржување.

Заклучок на делото и пораката што ја испраќа е тоа дека доколку водиме сметка за работите, ги одржуваме, им посветуваме внимание и се грижиме за нив, тие ќе бидат тука, ќе живеат со нас и ќе ни служат. Доколку ги запоставиме овие клучни акции, ќе ги изгубиме не само објектите и градбите, туку и сите јавни простори, места и градски топоними, а со нив ќе заминат и сеќавањата и спомените од нашето Скопје.

Оваа светлосна инсталација е реализирана преку европскиот проект ROCK, а во соработка со Град Скопје и АД „Пошта на Северна Македонија – Скопје“.

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од Низ објективот

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.