Ресорт Маврово со нови содржини и поевтини сезонски ски карти
Ресорт Маврово, каде денеска падна и првиот снег, целосно се подготвени за новата скијачка сезона. Граѓаните може да ги обезбедат своите онлајн сезонски ски карти по промотивни цени до почетокот на ноември.
Оваа година, за прв пат, Ресорт Маврово пласира нов вид сезонски карти „Зима – Лето“, кои може да се користат за скијање во зима низ целата сезона и за користење на жичарницата во лето. И она што е изненадување за посетителите на Маврово, Ресорт Маврово ќе ја збогати својата туристичка понуда со реконструкција на Трифкова Колиба, преку Проектот за локална и регионална конкурентност, поддржан од ЕУ и од Владата на Република Северна Македонија.
„Со помош на Проектот за локална и регионална конкурентност се направи реконструкција и надградба на постојното бачило Трифкова Колиба. Зголемени се капацитетите на Трифкова Колиба за 4 пати, бачилото има поголема кујна и е проширен за уште еден кат, со убав галериски поглед и излез на пространа тераса“,вели Огњан Циговски, директорот на Ресорт Маврово.
Онлајн купената карта се подигнува на билетарата на Скијачкиот центар на Ресорт Маврово, по предавање на ваучерот каде се врши фотографирање на лицето на кое гласи ски картата и се врши идентификација на ова лице.
„И оваа година одлучивме да излеземе со Super Early Bird промоција со пониски цени за нашите клиенти. На тој начин, овозможуваме повеќе граѓани да се најдат на нашите терени и да уживаат во прекрасната мавровска идилa. Доколку, поради пандемијата не почне скијачката сезона, тогаш ние стопроцентно ги враќаме уплатените средства“, објаснува Циговски.
Повратот на цените за ски картите ќе се реализира во април 2022 година. Доколку скијачкиот центар овозможи скијање до 20 дена, тогаш уплатените пари не се враќаат.