Магазин
ОМАН: Земја со 2.700 километри прекрасни плажи (ФОТО)
Оман поради пространите пустини, долгото крајбрежје, стрмните и оддалечени карпести кањони и големи песочни дини е сон за секој вљубеник во истражување на непознати терени.
Кога ќе стигнете во Мускат изнајмете теренско возило, направете залихи од потребните продукти и тргнете во откривање на големиот број вади (исушени речни корита) на овој султанат, кои се наоѓаат во планините и на пониските точки во пустината.
Повеќето сликовити вади се наоѓаат во планините, а голем дел се само на еден или два часа возење од Мускат.
Јужно од престолнината се наоѓа Вади Тиви, еден од најстрмните и најтесните патишта за возење во земјата, кој ве води во живописното село Мибам, сместено меѓу урмини палми.
Доколку барате класична пустинска авантура, тргнете кон пустината Вахиба, каде преку некои од бројните локални агенции може да се организирате да преноќите во планините во пустински камп.
Сместен среде бујната оманска пустина Вахиба, кампот Ал Раха е совршена локација за арапска авантура. Одмаралиштето има 77 колиби со тоалети, девет апартмани уредени во традиционален бедуински стил. Кампот исто така обезбедува сметување во 15 луксузни шатори, исткаени во кралски стил во боите на пустината. Шаторите имаат мали салони и балкони, а во нив можат да се сместат четири лица.
Од раскошна скара до традиционална бедуинска храна послужена под ѕвездите, одмаралиштето како кампот Ал Раха ќе ги задоволи сите вкусови. Меѓу традиционалните специјалитети е и јарешко месо маринирано во цимет, каранфилче, бибер и кумин, сервирано со ориз и ароматизиран кардамон.