Магазин
Патување околу светот за девет евра
Португалската туристичка агенција Ворлд лајф експириенс нуди можност да го пропатувате светот, а згора на се, и да добиете пари за тоа.
Компанијата е во потрага по 11-мина кои целата наредна 2019 година ќе ја минат патувајќи околу светот. Се што треба заинтересираните да направат, е да пополнат пријава, којашто чини девет евра, и да чекаат да бидат избрани. Рокот за пријавување истекува на 20 јули годинава.
Оваа понуда не е нова идеја, оти веќе во јануари започна првото вакво патување. Единаесетмина среќници моментно се на своето патување, на кое ќе посетат три континенти.
Следните 11 одбрани на конкурсот ќе посетат пет континенти, и во секој град каде што ќе се сместат, ќе престојуваат по две недели. Од нив, еден дел ќе го минат во работа, дел во учење, а дел на забава, и за сето тоа ќе добиваат по 2.500 евра месечно.
Кандидатите мора да имаат над 21 година, а помалку од 39 години. Другите критериуми се: одговорност, проактивност, толерантност, високо познавање на англискиот јазик, комуникативност, флексибилност и колегијалност.
Одбраните ќе бидат од различни држави и ќе треба своите искуства од патувањата да ги споделуваат на друштвените мрежи.
Патувањето околу светот ќе започне во средината јануари и ќе трае до крајот на ноември.