Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Почина Ивана Трамп, поранешната сопруга на Доналд Трамп

Магазин

Почина Ивана Трамп, поранешната сопруга на Доналд Трамп

Ивана Трамп почина на 73-годишна возраст.

Како што пренесуваат странските медиуми, првата сопруга на поранешниот американски претседател Доналд Трамп починала овој четврток во својот дом на Апер Ист Сајд во Њујорк.

Ивана Трамп почина на 73-годишна возраст, откако била пронајдена „без свест“ на дното од скалите во нејзиниот дом. Ивана имала закажан термин во фризерски салон, но поради тоа што не се појавила по неколку часа од закажаниот термин, полицијата отишла во нејзиниот дом каде ја нашла на скалите без свест. Постои сомнеж дека паднала низ скалите како последица од престанување на чукање на срцето.

Официјалната причина за смртта сè уште не е објавена.

Нејзиното семејство ја потврди веста за ABC News.

-Нашата мајка беше неверојатна жена – сила во бизнисот, спортист од светска класа, сјајна убавица и грижлива мајка и пријателка. Ивана Трамп беше борец. Таа избега од комунизмот и ја прегрна оваа земја. Ги научи своите деца на многу работи. Таа ќе им недостига на нејзината мајка, нејзините три деца и десетте внуци –  се наведува во официјалното соопштение од семејството Трамп.

Смртта на поранешната сопруга ја објави и Доналд Трамп на својот профил на социјалната мрежа Truth Social.

-Со голема тага ги информирам сите оние кои ја сакаа, а ги има многу, дека Ивана Трамп почина во својот дом во Њујорк. Таа беше прекрасна, убава и неверојатна жена која водеше инспиративен живот. Нејзината гордост и радост беа нејзините три деца, Доналд Џуниор, Иванка и Ерик. Таа беше толку горда на нив, како што сите ние бевме толку горди на неа – напиша Доналд.

Нејзината ќерка Иванка Трамп се огласи на Инстаграм со потресна објава.

– Срцето ми е скршено поради смртта на мајка ми. Мама беше брилијантна, шармантна, страствена и опасно забавна. Таа моделираше сила, упорност и решителност во секоја акција што ја презема. Таа го живееше животот во потполност, не пропуштајќи прилика да се смее и да танцува. Ќе ми недостига засекогаш и нејзиниот спомен секогаш ќе го чуваме во нашите срца – напиша Иванка.

Ивана Мари Трамп, моминско презиме Зелничкова, е родена на 20 февруари 1949 година во тогашна Чехословачка. Во 1970-тите, таа се преселила во САД, каде што го запознала Доналд Трамп, со кого се омажила во 1977 година. Пред него таа беше во два брака, се разведе од првиот сопруг, а вториот почина.

Таа имаше три деца со Доналд Трамп, а заедно останаа 15 години додека не се разведат во 1992 година.

Таа беше бизнисменка, медиумска личност, моден дизајнер, писател и поранешен модел. За време на нејзиниот брак со Трамп, таа имаше висока позиција во неговата „The Trump Organization“. По разводот, таа се испроба во бизнисот и дизајнираше сопствена линија на облека, накит и производи за убавина.

Повеќе од Магазин

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.