Магазин
Почина Оливија Њутн-Џон
Австралиската кантавторка, актерка и пејачка Оливија Њутн-Џон почина по повеќе од 30-годишна борба со ракот на дојката. Таа имаше 73 години.
-Дамата Оливија Њутн-Џон почина мирно на својот ранч во Јужна Калифорнија утрово, опкружена со семејството и пријателите. Замолуваме сите да ја почитуваат приватноста на семејството во овој многу тежок период – стои во соопштението објавено на нејзините профили на социјалните мрежи.
Пејачката во септември 2018 година откри дека се лекува од рак во основата на ‘рбетот. Тоа беше нејзината трета дијагноза на рак, по борбата со рак на дојка во раните 90-ти и во 2017 година.
Њутн-Џон беше најпозната по улогата на Сенди Олсон во музичкиот филм „Grease“ од 1978 година, каде глумеше покрај актерот Џон Траволта.
Нејзината кариера траеше повеќе од пет децении, иако таа стана посветена на добротворни цели откако и беше дијагностициран рак на дојка во 1992 година.
Оливија зад себе ги остави нејзиниот сопруг Џон Истерлинг и ќерката Клои Латанзи.
Џон Траволта и оддаде почит на Оливија на Инстаграм со емотивна порака.
-Најдрага моја Оливија, ти ги направи сите наши животи многу подобри. Tвоето влијание беше неверојатно. Те сакам многу. Ќе се видиме по пат и сите повторно ќе бидеме заедно. Твој од моментот кога за првпат те видов и засекогаш! Твојот Дени, твојот Џон! – напиша Траволта во објавата.