Занимливости
Правилно китење на новогодишната елка
Тие кои веќе со години китат елка, сигурно развиле некој сопствен систем на китење. Во овој текст можете да прочитате како правилно се кити елка и зошто е тоа баш така.
Ако сакате мирис на новогодишна елка тогаш сигурно ќе се одлучите за природна. Најдобра варијанта е да се определите за елка со корен. Освен што е еколошки подобро решение, елката со корен нема да се исуши, вашиот дом нема да биде покриен со иглички, подолго ќе трае и мирисот и гранките нема да се виткаат надолу. Единствена маана на оваа елка е во тоа што кога ќе ја раскитите, ќе треба некаде да ја насадите. Но, мал физички напор е мала цена за перфектна елка во текот на празниците.
При избор на елка која е исечена обрнете внимание кој вид на дрво го купувате. Борот побрзо се суши и неговите иглички многу брзо паѓаат. Определете се за елка или смрека. Основен недостиг е сушењето на елката, виткањето на гранките по неколку дена и паѓање на игличките. Поставете некој убав чаршав под неа кој и естетски ќе ја разубави и ќе ви ја олесни работата при собирање на игличките.
Вештачките елки можеби се наједноставно решение. Можат да се најдат во разни бои во зависност од вашите желби. Нема иглички на подот, но го нема ни тој прекрасен мирис на четинари.
Прво одредете место на кое сакате да ја поставите елката. Во зависност од тоа се врши изборот на големина и ширина. Внимавајте да не биде преголема елка, или да не ја поставите на некое тесно место каде што се поминува, па некој да не ја закачи при поминување и да ја турне. Исто така, поставете ја што подалеку од извор на топлина за да го забавите процесот на сушење и да избегнете евентуален пожар.
Прво поставете некој украсен слој под елката (украсна хартија, чаршав, имитација на снег, итн.). Потоа поставете ја елката на тоа и проверете дали е стабилна. Прво на елката се ставаат сијаличките и тоа поблиску до стеблото, во внатрешноста на елката од дното кон врвот (спирално). Вака елката цела ќе биде осветлена и ќе блеска. Многу е потешко да се постават сијаличките на крај кога морате да ги заобиколувате сите украси.
Потоа закачете големи и потешки украси. Бирајте ги подебелите гранки и не закачувајте на самиот врв на гранката бидејќи таа ќе се свитка од тежината, па нема да биде толку убава или кога елката ќе се исуши, можно е украсот да падне и да се скрши.
Потоа на ред доаѓаат помалите украси. Нив можете да ги закачите и на потенки гранки и на тие гранки кои веќе имаат лампиони ако не ги сокриваат. Обрнете внимание да ја накитите цела елка рамномерно (посебно тој дел кон ѕидот, ако е поставена покрај ѕид), погледнете ја од разни агли од 2-3 метри далечина дали некаде недостасува украс и дали некој дел е оголен.
Потоа на ред доаѓаат разни ленти, блескави и сјајни, по желба и по вкус. Внимавајте да не претерате со нив за да не ја голтнат цела елка и да не добиете контра ефект.
И конечно на крај поставете го врвот. Најчесто тоа е некоја ѕвезда или ангел, но исто така постојат и шпицести врвови. За кој и да се одлучите тој ќе го комплетира изгледот на елката и ќе и даде посебен шарм.