Магазин
Принцот Хари и Меган Маркл го направија своето прво заедничко јавно појавување со кралското семејство по 2 години
Четиридневното одбележување на платинестиот јубилеј на кралицата започна во четвртокот, а денеска по тој повод се одржа миса во катедралата Св. Павле.
Британската кралица Елизабета не се појави на мисата по повод нејзиниот јубилеј. Според Би-Би-Си, ова било решено откако кралицата се чувствувала „непријатно“ додека ја гледала парадата во Бакингемската палата одржана во четвртокот. Се очекуваше кралицата да се појави на мисата, но конечната одлука беше донесена во последен момент, а во соопштението од Бакингемската палата се вели дека е одлучено „со големо двоумење“ и дека се земени предвид „патувањата и активностите“.
Очекувано, појавата на принцот Хари и Меган Маркл привлече големо внимание во јавноста. На првиот ден од прославата тие ја проследија спектакуларната воена парада од друга локација, иако претходно беа забележани во палатата, а војвотката од Сасекс ги воодушеви сите со својата елегантна облека. Таа носеше темносин фустан и бела капа со голема машна од британскиот дизајнер Стивен Џонс.
Меган Маркл и принцот Хари денеска пристигнаа во катедралата, а сите погледи беа вперени во нив. Меган овој пат блесна во бел капут – фустан од Диор, а стајлингот го заокружи со шапка и чевли во иста боја.
По долго време дојде до моден судир меѓу двете војвотки. Двете вчера беа заедно во палатата, но информации за тоа како и дали дошло до средба, дури и неофицијални, засега нема. Сепак, тие денеска повторно се сретнаа во катедралата Свети Павле, по повод мисата, кој се одржа како дел од јубилејот на кралицата. Меѓу последните присутни пристигнаа Кејт и Вилијам. Војвотката од Кембриџ блесна во жолт стајлинг од нејзината омилена дизајнерка Емилија Викстед и шапка од Филип Трејси.
Според извори од Палатата, Кралицата Елизабета Втора наводно конечно ја запознала својата правнука Лилибет Дијана, ќерката на принцот Хари и Меган Маркл. Меган и Хари ја крстија својата ќерка по прекарот на кралицата од детството. Лилибет, инаку, утре (сабота) го слави својот прв роденден.