Занимливости
Што носат четириесетите години од животот?
Оваа година го прославив мојот 40-ти роденден и работите не изгледаат како што ги замислував претходно, пишува новинарката Сели Хјуџис во својата колумна за британскиот весник Телеграф.
Ако продуцентите некогаш би сакале да снимат документарец „Таинствениот живот на 40 годишните‟, еве кои работи треба да се земат предвид:
1. Велиме „не‟ на сите работи кои можеби порано сме ги прифаќале. Тоа вклучува и какво било дружење кое бара подолго стоење. Наместо да одам на целовечерни забави, времето сакам да го поминам дружејќи се дома и седејќи. Ако излезам некаде, музиката мора доволно да биде тивка да можам да разговарам. Преферирам места на кои келнерите доаѓаат до маса, приодот до шанкот мора да биде прооден, а тоалетот чист. За тоа нема компромис.
2. Болката станува позната работа. Секогаш кога ќе го помрднам вратот или зглоб по некој период на неактивност, слушам крцкање. Сега ми требаат и очила.
3. Сакаме помалку пријатели, но подобри. Немам време за муабети и луѓе во кои немам доверба. Пријателството ми е важно, но тие кои не ве сакаат едноставно исфрлете ги од животот без многу мислење зошто е тоа така.
4. Не сакаме да изнајмиме сместување за одмор, ако не е најмалку толку убаво како домот во кој живееме.
5. Моите тинејџерски години и кога имав 20 и 30 години ги поминував целосно сигурна во секое свое мислење. Сега ми е многу полесно да кажам „не знам‟ или „не мислам дека работата е толку едноставна‟. Тоа се однесува на политиката, врските, музиката, верата. Не се расправам бидејќи сум станала потолерантна или пољубезна, туку едноставно воопшто не се оптоварувам со тоа.
6. Имам ирационални симпатии. Што се однесува до мене, се работи за една поп-група.
7. Смртта станува наша преокупација. Но, на позитивен начин. Опсесивно собирам спомени, уживам во животот и со своите блиски и активно ги планирам работите кои сакам да ги направам, а кои до сега ги занемарував. Помалку зрело од мене е дека станувам ирационално лута на одвратни луѓе кои се уште се живи и здрави додека некои мои сакани луѓе починаа од рак.
8. Изгледот и понатаму ни е важен. Не верувам на луѓе кои велат дека им е сеедно што лицето и телото им се менуваат. Не сум воодушевена бидејќи брчките околу очите се повеќе се гледаат и дефинитивно ми пречи што сум поголема за еден конфекциски број. Сепак, не толку да одам под нож, почнав да вежбам и да јадам тиквички наместо шпагети.
9. Знаеме да кажеме „извини‟. Сега признавам дека правам грешки, многу грешки.
10. Плачењето исто така станува позната работа. Често плачам, на песни, на стари брачни парови кои се држат за рака, воени ветерани, документарци за животни, па и на божикни реклами. Исто така, повеќе и погласно се смеам од вообичаеното.
11. Модата станува комплицирана. Помалку гледам на тоа како ја комбинирам облеката, а не купувам повеќе ништо што бара пеглање.
12. Не можам повеќе неумерено да пијам алкохол. Мамурлакот и главоболките се многу лоши. Две ноќи по ред надвор, речиси се физички невозможни.