Магазин
Тајланд забранува пушење на плажа
Тајландските власти одлучија да се борат против пушењето, поради зачестените извештаи за големите купишта смет и отпушоци од цигари на попознатите плажи на тој познат тропски брег.
Забраната за пушење и за фрлање ѓубре е воведена за 24 плажи во земјата, соопштуваат властите. Меѓу нив се и најпознатите туристички дестинации, како што се јужниот остров Кох Таоа, плажата Патонг во градот Пукет и Хуе Хин во југозападот на државата.
– Само на Патонг месечно наоѓаме 140.000 отпушоци коишто претставуваат 30 отсто од сметот на плажата, истакнува Јатупорн Буруспат, директор на тајландската Организација за морска и крајбрежна стратегија.
Секоја туристичка точка ќе добие одделна зона за пушачи, а за оние кои нема да се прилагодат на новата мерка, им се заканува парична казна од 3.190 долари и максимална затворска казна од една година.
Тајланд лани го посетиле 35 милиони туристи.