Занимливости
„Трезорот за Судниот ден“ се соочува со проблеми
„Трезорот за Судниот ден“, кој се наоѓа на островот Шпицберген во архипелагот Свалбард во Арктичкиот Океан, иако е изграден да ги издржи најекстремните услови, сепак временските неприлики во крајот на 2016 година покажаа дека објектот не е доволно безбеден.
Бункерот, во кој се чуваат семиња од цел свет, се соочува со првите потешкотии и поради тоа норвешката влада ќе вложи десет милиони долари за негово унапредување.
Средствата првенствено ќе бидат наменети за изградба на нов бетонски пристапен тунел, како и за изградба на помошни објекти преку кои ќе се снабдува со дополнителна електрична енергија.
Архипелагот Свалбард е избран поради одалеченоста од остатокот од светот, но и поради тоа што на ова место нема земјотреси и активни вулкани и затоа се смета за безбеден. Исто така постојаниот мраз на островот го помага длабокото замрзнување и очувување на семињата.
Но неочекуваното топење на ледената маса во крајот на 2016 година предизвика да навлезе вода во влезот на трезорот. Иако семенскиот материјал во него не беше загрозен, сепак властите во Норвешка преземаа мерки за негово унапредување.
Трезорот е изграден со цел да му помогне на човештвото во случај на некоја климатска или нуклеарна катастрофа, односно да дојде до целосно уништување на животната средина.