Ви препорачуваме
ВИ ПРЕПОРАЧУВАМЕ: Како изгледа и што треба да има на традиционалната велигденска трпеза?
Велигден е празник на радоста и среќата, но и вистинска можност семејството да се собере на заедничка велигденска трпеза. Поентата на празникот е во заедништвото, топлата атмосфера, блискоста и споделувањето на нештата, сето тоа на свечен празничен велигденски ручек.
Утре е Велигден, еден од најголемите христијански празници. Традиционално секоја трпеза ја красат бојадисани јајца и козињак (милиброд), но и други јадења.
Освен што е христијански празник, за Велигден можеме да кажеме дека е кулинарски празник. Во празничните денови се оди на гости кај роднините и семејството го слави празникот со богата и убаво уредена трпеза.
Традиционално се приготвува козињак и бојадисани јајца
Козињакот и бојадисаните јајца се задолжителни на секоја трпеза, затоа што црвените јајца ја симболизираат крвта на Исус, а козињакот неговото тело.
Централно место на велигденската трпеза е декорирана чинија или кошничка со вапсани јајца. Домаќинот го зема првото јајце, а по него и останатите домашни. Тогаш настанува веселба и натпревар чие јајце е најсилно што претставува голема радост за децата. Додека се кршат јајцата, се изговара „Христос воскресе“ и „Навистина воскресе“.
На Велигден прво се јаде велигденското јајце, а потоа и останатото јадење.
Исто за овој празник во некои краеви се приготвуваат различни лебови, кои најчесто се прават во сабота, пред големиот празник. Формата му е различна – кружи, елипсовидни, а се украсени со крстови, симболи, суво грозје или велигденси јајца.
За ручек се служат јадења со јагнешко месо и салата
Најчесто за време на велигденскиот ручек се служи јагнешко месо. Тоа се поврзува со фактот дека на денот на воскресението на Исус, како жртва било пренесено јагне. Но, некои кои не јадат јагнешко месо, приготвуваат свинско или зајачко печење.
Зелените салати често се служат во комбинација со месото.
Трпезата се украсува со свежи цвеќиња
За десерт се прават различни колачи, баклави и торти, со цветни декорации. Покрај нив, трпезата ја красат убави декорации, различни салфетки, свежи цвеќиња и кошнички во форма на гнезда со бојадисаните јајца. Овие гнезда се симбол на домот и семејството.
Можете да направите комбинација од велигденски јајца, пролетни цвеќиња, лалиња и зелени гранчиња од врба, кои го симболизираат раѓањето на пролетта.
Но, најважно е да бидете заедно со семејството и во слога и мир да ги дочекате празниците! Што вие приготвувате за велигденската трпеза?