Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

5 совети од дерматолог Сузана Камберова за безбедно лето

Ви препорачуваме

5 совети од дерматолог Сузана Камберова за безбедно лето

Сонцето е извор на живот, но во долгите летни денови тоа може да стане опасно, пред сѐ, за нашата кожа. Корисно е да се знае кои се најчестите несакани состојби предизвикани од сончевите зраци.

Кожата директно изложена на сонце во пролетно-летниот дел од годината, а незаштитена со облека или крем, лесно може да се здобие со изгореници. Со појавата на озонската дупка околу Земјата, која се создава во втората половина на 20. век, проблемот на заштита од сонцето се усложнува. Голем дел од штетните УВ-Б зраци доаѓаат до површината на земјата и до кожата. Кај луѓето, особено оние со светол тен, коса и очи, се предизвикува оштетување и по кратко изложување на сонце без заштита.

За сите прашања за кои барате одговор во врска со заштита на кожата од сонце, како да ја чувате од изгореници како да ја негувате и да се однесувате кон неа, какви последици има невнимателното изложување на сончевите зраци, кои препарати се најсоодветни за вашиот тип на кожа и на што да внимавате при нивното купување, а и нанесување дава одговор примариус Сузана Камберова, специјалист дерматолог.

Што е изгореница од сонце и какви последици по здравјето може таа да има?

Во својот најлесен облик, изгореницата се манифестира само као кожно црвенило од поблаг степен на делови од кожата кои биле изложени на сонце. Но, постојат и потешки стадиуми, со симптоми како оток на ткивото и појава на пликови исполнети со течност, кои за кратко време прскаат и оставаат влажни, оголени површини. По неколку дена следи потемнување на црвенилото и лупење на кожата. Сето ова е проследено со болка, печење, па и непријатност при најблаг допир. Доколку е зафатена голема површина со изгореница, неопходно е посериозно лекување.

Ова може да биде многу драматично, болно и да го исплаши оној чија кожа е изгорена, но всушност, се работи за минлива состојба, која се смирува за неколку дена.

Се препорачува да се ставаат влажни облоги, крем или гел со некој смирувачки препарат од разни билки или благи кортикостероидни препарати. Неколку дена не смее да се излегува на сонце дури не поминат црвенилото и акутните симптоми.

Кога сето ова ќе се ублажи, луѓето сметаат дека опасноста од сончевата изгореница минала и дека сѐ се завршило добро, но малку кој знае дека ваквото оштетување на кожата остава и друг вид последици, кои може да се манифестираат многу подоцна во животот и по повеќе децении. При изгореница, дел од клетките на кожата претрпуваат оштетувања во својата внатрешна градба, а тоа може да доведе до мутации (промени од нормалното). Кај поединци, таквите мутации водат до појава на карцином на кожата. Колку е бојата на кожата посветла и колку е помала возраста на оној кој се здобил со изгореница, толку се последиците посериозни.

Секогаш треба да се спречи изгореница од сонце. На неа треба да се мисли, не само на летување на море или езеро, туку и во местото на живеење. Секогаш кога во лето се излегува надвор, во временскиот интервал помеѓу 10-18 часот, треба да се преземат мерки за заштита на кожата.

Кожата и бенките

Една од најчестите грешки, која е последица на неинформираност, е таа, дека луѓето се грижат на кожата да ги заштитат само одредените пигментни промени, кои популарно се нарекуваат бенки. Бенките се бенигни промени, кои речиси секој ги има по кожата и кои се изградени од купчиња групирани пигментни клетки. Оттаму, на летување често може да се види како некој покрил одредена бенка со фластер, газа и слично, за да ја заштити. Оваа постапка, иако не е штетна, не придонесува многу за соодветна заштита од сонцето. Опасноста од ултравиолетовите зраци не се однесува само на бенките туку на целата кожа. Ако се заштити само таа промена, а не се внимава на останатиот дел од кожата, сосема е промашена целта на заштитата, а оној кој така постапил има лажно чувство дека е безбеден.

Затоа, употреба на заштитни кремови за сонце, произведени по најновите медицински стандарди, се императив. Секој откриен дел од кожата треба да се намачка половина час пред да се излезе надвор. Ако подолго се престојува на отворено или на плажа, се повторува мачкањето на секои два часа, или веднаш по излегување од вода или по силно потење. Малите деца во секоја ситуација треба да се многу поригорозно заштитени од сонцето.

Како да ја спречите алергијата на кожа?

Чест проблем на кожата во лето се и кожните алергии. Тие се појавуваат поретко, кај луѓе кои се пречувствителни на сонце, но, се мошне непријатни за оние кои од нив страдаат.

Можат да се манифестираат во разни облици и видови. Често се повторуваат секоја година во ист временски период. Причината за нивно појавување не е сосема јасна. Кај некои луѓе се појавува пречувствителност на одредени супстанции кои се внесуваат преку уста (лекови, храна) или се нанесуваат на кожата, но најпрво е потребно сонцето да им ја измени структурата на овие соединенија, кога ќе дојде во допир со нив преку кожата, а потоа организмот таквите изменети ги третира како туѓи и непријателски и на нив реагира со појава на алергиски реакции. Повеќето вакви кожни алергии на сонце се со минлив карактер и може да бараат само полесно лекување. Доколку одите на летување, а веќе сте имале алергија на сонце, не е лошо претходно да ја „подготвите“ кожата.

Постепено изложување на сонце со послаб интензитет, рано наутро или во попладневните часови, само неколку минути дневно, со постепено, секојдневно, зголемување на престојот, е една опција која може да ја ублажи појавата на алергии.

Потемнетата кожа не е толку склона кон манифестација на вакви реакции.

Темни дамки и пигментација на кожата

На крај, постојат и некои производи, како парфеми и слично, кои можат да предизвикаат појава на темни дамки на кожата. Тие содржат состојки кои ја тераат кожата да реагира со лесно воспаление по изложување на сонце. Како последица се појавува темна пигментација, која се одржува неколку месеци до години. Овие дамки имаат најразновидни чудни форми кои соодветствуваат на местото на контакт, на пример, линии на вратот каде што се нанесол парфемот.

Одредени билки може да предизвикаат вакви реакции ако ја допрат кожата, а потоа таа се изложи на сонце. Дури и некои познати прехранбени растенија се причинители за ваквите реакции, на пример, сокот од целер, магдонос или од зелени смокви.

Како да изберете соодветен крем за заштита од сонце?

Кога станува збор каков крем за заштита од сонце да се избере за претстојното летување, советуваме секогаш првенствено да се направи избор според составот на производот, а не според висината на заштитниот фактор (25,30,50 + СПФ). Средствата за заштита може да содржат физички (минерални), хемиски филтри или комбинација на двата.

Наша препорака е да се употребуваат производи со минерални филтри. Еве зошто:

1. Под минерални филтри се подразбираат состојките: цинк оксид и титаниум диоксид. Цинк оксидот е подобар филтер, затоа што овозможува комплетна заштита и од УВБ и од УВА-зраците. Титаниум диоксидот само делумно ја штити кожата од УВА-зраците. УВБ-зраците се одговорни за појава на црвенило и изгореница на кожата, а УВА предизвикуваат стареење, темни дамки и пеги, алергии и сл. Неумереното изложување и на двата типа зраци, може да предизвикаат кожен карцином подоцна во животот.

2. Физичките филтри се честички на минерали, кои комплетно го блокираат зракот (не го пропуштаат во кожата) за разлика од хемиските, кои делуваат како сунѓери, го впиваат зракот во кожата, а само дел филтрираат.

3. Овие минерални средства порано беа мошне густи и тешки за размачкување, па не беа популарни кај потрошувачите. Денес, тие се разбиваат на мошне мали составни делови, т.н. нано партикли и нивната транспарентност е многу подобрена, а својството да штитат од сонцето, зачувано.

4. Постојат одредени мислења дека малите (нано) честички на минералните филтри, може да поминат низ кожата и да се апсорбираат во телото, но многубројни студии тоа не го потврдиле. Сепак, некои произведувачи го користат овој факт да ги рекламираат своите производи со минерални филтри како поздрави (органски, природни и слично), односно, тврдат дека не содржат нано честички (или се со НОН – нано филтри), па најчесто се само со титаниум диоксид (како помал). Ова е непрецизно објаснување и не соодветствува на фактите и на моменталната европска регулатива и препораките на ФДА во САД.

Сите минерални честички во филтрите, според физичките карактеристики, спаѓаат во НАНО честички.

5. Честичките на цинк оксидот се поголеми од оние на титаниум диоксидот, но тоа им дава и поголема заштитна моќ, подобро штитат од УВА-зраци и во заштитата опфаќаат поширок спектар на бранови должини.

6. Цинк оксидот е и едниствен минерал, кој може да се нанесува кај деца помали од 6 месеци.

7. Исклучок од сето ова, претставува само употребата на овие средства во форма на спреј. Средствата за заштита, кои содржат минерални филтри, купувајте ги само во форма на крем, млеко, лосион. Во форма на спреј, може да се вдишат, а нано честичките се потенцијално штетни, доколку навлезат во дишните патишта.

8. Од хемиските филтри, најштетен се смета oxybenzone. Тој е регистриран како состојка во преку 65 отсто од средствата за сончева заштита. Најден е во крвта на речиси секој жител на САД, според одредени испитувања. Во одделни објавени студии постои наод, дека предизвикува алергиски реакции, а има дејство како слаб естроген и е со анти-андрогено (против -тестостерон) дејство. Сепак, недостасуваат дополнителни испитувања за да се утврдат точните ефекти врз здравјето на луѓето, особено на адолесцентите (потенцијално хормонално дејство, на кое младите се почувствителни).

Avobenzone , од друга страна, има најдобра УВА заштита од сите хемиски филтри и минимално хормонално дејство, како и незначителна пенетрација низ кожата.

Уживајте во летото и останете безбедни

Повеќе од Ви препорачуваме

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.