Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Д-Р ТАТЈАНА ГУРЖАНОВА: Сексуален однос пред 16-годишна возраст е „поволен“ за ХПВ

Ви препорачуваме

Д-Р ТАТЈАНА ГУРЖАНОВА: Сексуален однос пред 16-годишна возраст е „поволен“ за ХПВ

ХПВ (Хуман папилома вирус) е многу распространет вирус кај човечката популација. Се верува дека повеќето сексуално активни луѓе се заразуваат со овој вирус во одреден момент од својот живот. Станува збор за сексуално пренослива вирусна инфекција.

Тоа е најчесто преносливо заболување кое се пренесува преку вагинален, анален и орален секс, а може да се добие и ако партнерот нема никакви симптоми.

Хуманите папилома вируси го напаѓаат слоевитиот епидермис и може да предизвикаат болести кои се движат во дијапазон од бенигни кондиломи до малигни тумори.

Жените се подложни на поголем ризик да се заразат со вирусот, поради анатомијата на женските полови органи. Вирусот ужива во топла и влажна средина и тука полесно се задржува, поради што се важни редовните превентивни прегледи.

Се проценува дека 60 отсто од жените во репродуктивна возраст се заразуваат со еден или повеќе од стотината познати типови на вируси, додека преваленцата кај машката популација е помала и присуството на самиот вирус е потешко да се докаже. Преваленцата на заразата со ХПВ кај помладите возрасни групи (18-25 години) е околу 60 отсто, а само 4-6 отсто од овие жени ќе направат патолошки ПАП-тест, што се објаснува со минливата природа на ХПВ инфекцијата, бидејќи 70 отсто од овие жени во следните 12 месеци ќе го елиминираат вирусот, а по 24 месеци само уште 9 отсто од жените ќе бидат позитивни на вирусот.

Инаку, вирусот можете да го имате со години, без да знаете дека воопшто го имате. Луѓето обично не знаат дека воопшто имаат ХПВ, бидејќи немаат никакви симптоми или компликации.

Зошто се почести ХПВ инфекциите и нивните последици?

Најважната причина зошто најтешките последици од ХПВ инфекциите, како што е ракот на грлото на матката, во нашата земја се појавуваат почесто отколку во другите земји, е тоа што:

– жените и мажите, особено помладите, немаат знаење за ризичното сексуално однесување,
– жените и мажите не ги познаваат вештините или не применуваат здраво сексуално однесување,
– жените не се прегледуваат редовно кај гинеколог, а мажите не бараат помош од уролог,
– не ги применуваат специфичните мерки за спречување на ХПВ инфекции пред сексуална активност – вакцини.

Со редовните прегледи кај гинеколог, односно уролог, би се откриле промените кои укажуваат на инфекција со ХПВ, а кај жените и промените кои претходат на ракот на грлото на матката (дисплазија) и би можело со рутински медицински зафати да се спречи пренесувањето на инфекции или понатамошен развој на овие промени во клетките на ракот на грлото на матката.

Како да се спречи појавата на ХПВ вирусот?

Сексуалните односи се главниот ризичен фактор за добивање на ХПВ вирусот и тоа е најважното на што младите треба особено да обрнат внимание. Задолжителна е употребата на кондоми секој пат во текот на сексуалниот однос, бидејќи тоа значително ги намалува шансите за добивање на ХПВ. На младите девојки и мажи им се препорачува редовно да одат на прегледи кај гинеколог или уролог. Во секој случај, редовните контроли и заштитата при сексуален однос се единствените ефективни начини за намалување на ризикот од добивање ХПВ. Она што може да ги анулира шансите за добивање на вирусот е вакцината.

ХПВ ја „напаѓа“ кожата и слузокожата и најчесто се пренесува во текот на интимен (сексуален) контакт од еден на друг партнер.

Имунолошкиот систем обично може да се ослободи од вирусот без лекување.

Сепак, некои форми на ХПВ (има многу видови) доведуваат до кондиломи, односно генитални брадавици. Други можат да предизвикаат канцерогени клетки.

Во повеќето случаи, не можеме ниту да ја забележиме инфекцијата, бидејќи симптомите на вирусната инфекција не се манифестираат. По извесно време стануваме самоизлекувани со дејство на имунитетот (имунитетот го елиминира вирусот) и тоа е најчестото сценарио. Дали ќе дојде до манифестирање на болест, кондиломи или премалигни и малигни промени зависи од бројни фактори: постојани инфекции со одредени видови на Хумано папилома вирус, ослабен имунитет, дебелина, повеќекратни раѓања итн.

Се смета дека колку подолго време перзистира високоризичниот вирус, толку е поголема шансата за развој на карцином на грлото на матката. Покрај постапката по медицински протокол гинекологот е обврзан (исто така по протокол) да даде и совет окулу диететскиот режим, животните навики и промена на истите и евентуално додавање на суплементарна терапија заедно со останатата медицинска терапија.

Ризични фактори за појава на ХПВ

Честата промена на сексуалните партнери, сексуалниот однос без употреба на кондом, сексуалниот однос пред 16-годишна возраст и пушењето може да се наречат ризични однесувања кои се поволни, односно ја олеснуваат инфекцијата со ХПВ и дисплазијата, а потоа и развојот на рак на грлото на матката. Редовните гинеколошки прегледи, едукацијата на девојките и жените, избегнувањето на ризичното однесување и минимизирањето на ризичните фактори, особено на оние на кои можеме да влијаеме, може во голема мера да го намалат ризикот од развој на малигни последици од ХПВ.

Со исхрана контролирајте ја ХПВ инфекцијата

Бројни научни студии укажуваат на поврзаност помеѓу ниските нивоа на антиоксидантните витамини бета-каротен, витамин Ц, витамин Е, како и витамин Б комплекс (особено фолна киселина) со развојот на цервикална дисплазија кај ХПВ инфекцијата.

Намалениот внес на витамин Ц, витамин Е и бета-каротен десеткратно го зголемува ризикот од цервикална дисплазија, а високиот внес на овошје и зеленчук во исхраната е поврзан со 54 отсто помал ризик од постојана ХПВ инфекција.

На ХПВ инфекцијата треба да се гледа како на секоја друга вирусна инфекција, односно за да имаме успех во терапијата треба да се насочиме кон јакнење на имунолошкиот систем, бидејки тоа е единствен начин да се победи вирусна инфекција. Од друга страна, за да дојде до вирусна инфекција и истата да ја пројави својата вирулентност и со тоа појава на болест треба имунолошкиот систем да е ослабен и неспособен да се бори со вируси, микроорганизми и други надворешни агенси.

Диетата треба да биде организирана, најдобро од специјализиран кадар, во 5 помали оброци кои ќе бидат избалансиран сооднос на немасни протеини, јаглехидрати со низок гликемиски индекс и масти од растителен извор, односно најдобро нерафинирано маслиново масло, јаткасто и суво овошје. Со добро осмислена програма каде големите групи на нутритиенти како протеини, масти и јаглехидрати, нема да предизвикуваат физички или хормонален стрес на организмот, се балансира сензитивната работа на модулаторите на клеточно ниво, од коишто зависи севкупниот, но и локалниот имунитет, во случајов имунитетот на репродуктивните органи. Потоа доволното внесување (окулу 750 гр дневно) на најразлично обоено свежо овошје и зеленчук, ја задоволува и потребата на организмот за природни антиоксиданти од групите на каротиноиди, полифеноли (ги има окулу 2.000 видови) и сите потребни витамини и минерали, со кои се доведува телото во совршена одбрана. Со ваков тип на исхрана дури и да дојде до контакт, односно до инфекција со ХПВ вирусот, тој нема да може да ја пројави својата вирулентност, бидејќи имунолошкиоѕ систем на телото ќе биде посилен и за кратко време ќе го уништи и отстрани од системот. Исто така, нешто што веднаш се елиминира од навиките е уживање на цигарите. Пушењето цигари е силно асоцирано со намален имунитет, но и перзистирање на инфекција со ХПВ, како и со зголемено реплицирање на вирусот. Значи, кога веќе дошло до инфекција со вирусот, главната насока во терапијата е зголемување на имунитетот општ и локален и откажување од цигарите.

Бројни големи епидемиолошки студии се направени во насока на откривање на поврзаноста помеѓу храната и перзистирање на ХПВ инфекција, а со тоа и зголемување на ризикот од појава на цервикален карцином.

Би издвоила една одлична проспективна студија реализирана со помош на повеќе медицински центри во траење од 12 месеци, кај 433 жени со позитивен ХПВ ДНК тест, каде директно во крв се мерело нивото на 3 типа на каротиноиди – антиоксиданти, криптоксантин кој најмногу го содржат цитрусните овоштија (портокал, мандарина, лимон, папаја и др), лутеинот (зелените лиснати зеленчуци и броколите, карфиолот, зелката) и зеаксантинот (пиперка, спирулина), и нивото на витамин Ц во серумот. Кај речиси 96 отсто од нив, на почетокот се измериле многу ниски нивоа на овие антиоксиданти во крвта, но со промени во дневното внесување на различно овошје и зеленчук богати со овие каротиноиди и витамин Ц, се одржувало нивото во крвта, високо, (се мерело секои 3 месеци) и по 12 месеци третман со храна, кај 87 отсто од жените дошло до целосно излекување од ХПВ инфекција.

Во друга студија, кај повеќе од 60 отсто од испитаничките со цервикален карцином се откриле ниски вредности на фолна киселина и Б 12.

Кај пациентки со перзистентна инфекција, покрај добро осмислена програма за исхрана секогаш се додаваат додатоци во исхраната за да се поправи штетата што е нанесена и резултатите треба да се очекуваат по 1 година. Најчесто препорачани суплементи се: омега-3 масни киселини, каротиноиди и полифеноли (расвератрол, аксантин, антоцијанини, лутеин), витамин Ц, витамин Е (но природен облик, никако синтетски), epigallocatechin-3-gallate-стандардизиран екстракт од зелен чај, coriolus versicolor печурка која е силен имуномодулатор, високи дози на фолна киселина и витамин Б 12 и задолжително локален третман, за подобрување на локалниот имунитет и вагиналната флора која природно се изборува со сите типови вируси.

Во секој случај програмата за исхрана и суплементи треба да ја одреди сертифицирано лице!

Д-р Татјана Гуржанова, специјалист гинеколог-акушер, магистер по хумана репродукција и ембриологија

Повеќе од Ви препорачуваме

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.