Дали бремените жени смеат да пијат кафе?
Школките, синото сирење и сушито се забранети продукти во исхраната на бремените жени. И, се разбира, на идните мајки не им претставува проблем да ги послушаат лекарите кога им советуваат што да не консумираат заради здравјето на бебето… Но што правиме со кафето?
Во бременоста може да се пие кафе, што е добра вест за идните мајки кои не можат да функционираат без утринската доза кофеин. Но она што мора да го направат е да го ограничат внесот на овој пијалок.
Големите количини кофеин во текот на бременоста можат да бидат причина за мала родилна тежина кај бебињата, велат лекарите.
Дневниот лимит би требало да биде ограничен на 200 милиграми кофеин. За полесно да се снајдете, еве пресметка:
– шолја инстант кафе има околу 100 милиграми кофеин,
– шолја филтер кафе има околу 140 милиграми,
– лименка кока-кола – 40, а шолја чај има околу 75 милиграми.
Ако тоа не ви е доволно, не е лошо во текот на бременоста да се префрлите на чај или на некое бескофеинско кафе, иако и обичното кафе можете да го пиете во умерени количини.
Сепак, не би требало да претерувате ниту со чаевите. Лекарите советуваат во текот на бременоста да не се внесуваат повеќе од четири шолји растителен или зелен чај на ден. Една кесичка зелен чај има околу 50 милиграми кофеин.
Ако некогаш ви се случи да испиете повеќе кофеински пијалаци, погрижете се тој ден да испиете повеќе вода.