Ви препорачуваме
ЏЕНТЛМЕНИ НА МОТОРЦИКЛИ: Петто скопско издание на глобалниот хуманитарен мотоциклистички хепенинг
Најголемиот хуманитарен глобален мото-хепенинг наречен The Distinguished Gentleman’s Ride оваа година го слави своето петто издание во Скопје.
Да се биде дел од ова глобално хуманитарно движење е секако чест, но и обврска. Пред 5 години, Скопје и официјално стана дел од ова движење, кое ги обединува пасионираните заљубеници на класичните мотоцикли и модата во борбата против машките болести.
Детали околу глобалниот настан веќе не и се потребни на македонската и пред се скопската јавност, бидејќи овој настан веќе секој добро го познава, особено кога на улиците на главниот град, последниот викенд во септември, ќе излезат повеќе од 150 „дотерани” моторџии со своите класични блескави машинини.
Сепак вреди да се спомене достигнувањето на глобално ниво, кое во изминативе 9 години за борба против ракот на простата собра повеќе од 24.5 милиони долари, а на кој настан зедоа учество над 316.000 учесници во повеќе од 104 држави во светот. Секако, и Макединија, односно скопското издание има придонес во овие бројки од 2016-та.
Припремите за годинашното издание на DGR‘20, отпочнаа со вообичаено темпо, но глобалниот невидлив непријател со име COVID-19, го диктираше неговото продолжение. Ride solo together е новиот слоган под кој ќе се оддржи овогодинешниот настан, кој се уште ги одржува истите постулати – ширење на свеста кај машката популација и собирање на средства за борба против ракот на простата и машките самоубиства.
И оваа година остануваме посветени на хуманитарната цел, заедно со сиот сјај кој го носи настанот – префинетите костуми и блескавите машини, но овојпат секој учесник ќе вози соло – во својот град, но ќе останеме социјално поврзани и обединети со една цел – грижа за машкото здравје!
Фиксниот датум за оддржување на DGR останува непроменет – последната недела во септември, односно 27 септември е денот кога по скопските улици повторно ќе ги забележите префинетите господа во фини костуми на своите мотоцикли овојпат во соло издание, но со иста мисија, се разбира дополнително обединети преку социјалните мрежи.