Зошто сончевите зраци повеќе нѐ „горат“ ова лето
Пишува прим. д-р Сузана Камберова, специјалист дерматолог
Сонцето ни е стар пријател и во овие краишта нė дружи во голем дел од годината. Но, интензитетот на неговата дружба, може да ни претставува сериозен проблем. Пролонгирано занемарување на фактот за штетните влијанија на УВ-зраците од сонцето на крај, доколку не сме внимателни, може да ни се одмазди.
Ова лето, кое е во полн ек, во мојата лекарска пракса се јавија за преглед голем број на пациенти со изгореници од сонце. Меѓу нив имаше луѓе од сите возрасти и, за разлика од порано, токму такви коишто знаат да внимаваат на кожата и коишто немале изгореници од сонце, уште од времето кога биле деца. Се прашував: „Зошто е тоа така и по што е ова лето поинакво, освен по секојдневните, високи температури, кои во континуитет траат веќе со месеци. Дали пигментот во кожата излезе од кондиција изминатата, пандемиска година или тоа бевме ние, луѓето? Дали ни се налути до толку природата поради нашиот немилосрден и уништувачки однос кон неа, па на секој начин се обидува тоа да ни го стави до знаење? Или премногу се опуштивме, чувствувајќи се како нејзини господари, недопирливи и совршени, и така заборавивме на основните мерки на претпазливост и умереност во сѐ, и на старото правило, дека добро поминува оној кој знае да внимава на себе.“
Од сонцето треба да се заштите и во лето и во зима
Сонцето ни е стар пријател и во овие краишта нė дружи во голем дел од годината. Но, интензитетот на неговата дружба, може да ни претставува сериозен проблем. Дури и кога не го гледаме, тоа е присутно и влегува во интеракција со нашата кожа. Како лекар, со години ги следам последиците на таа интеракција, па сепак, понекогаш и јас сум изненадена кога пред мене ќе видам очигледен пример на ова правило. Постојано на своите пациенти им нагласувам дека дури 70 отсто од сончевите УВ-зраци поминуваат низ облаците и стасуваат до површината на Земјата. Поради тоа, ако сте на плажа, и во деновите без сонце треба да нанесете заштитен крем или да ја покриете кожата со облека, зошто УВ-зраците се тука, иако се невидливи. Па сепак, и самата го сфатив вистинскиот ефект на ова правило пред извесно време, кога во јануари во ординацијата дојде еден пациент на редовна контрола. Ушните школки и носот му беа целосно покриени со ситни ранички и крусти. На моето прашање, што му се случило со кожата, ми одговори дека престојувал час-два на настан на отворено, крај езеро. Иако се работело за облачен зимски ден, пациентот се здобил со изгореници од сонце. Како се случило нешто такво?
Пациентот, поради одреден здравствен проблем, земаше хронична терапија која се состоеше од лекови коишто ја прават кожата повеќе чувствителна на УВ-зраците од сонцето. Во текот на лето или на пролет, постојано внимаваше и се заштитуваше со крем со висок заштитен фактор или со облека. Но овојпат, мислејќи дека се работи за облачно небо, ги занемарил мерките на претпазливост и заштита. Резултатот беше јасно видлив: сончевите зраци и во зима поминуваат низ облаците и кај кожа која е чувствителна, може да предизвикаат дури и изгореници. Исто се случува и со пациенти кои земаат некои други лекови, како на пример, антибиотици од групата тетрациклини или азитромицин (добро познатиот Сумамед). Доколку е неопходно да ги земаат и во лето, кога УВ-индексот е висок, лекарот треба да им укаже на фактот дека тие лекови ја прават кожата почувствителна на сонце и дека може лесно да се појават дамки по лицето или по другите откриени делови на кожата, доколку не внимаваат и не користат соодветна заштита. Секогаш постојат луѓе на кои ова им се чини неверојатно. Или сметаат дека тие престојуваат „само кратко време“ на отворено. Потоа, редовно се зачудени, зошто, сепак, им се појавиле проблеми со кожата.
Но, за жал, или за среќа, случаите за кои зборуваме се добро познати во науката и не е потребно секој буквално да ги проверува на сопствена кожа. Сонцето е пријатно и дава енергија, затоа ние му се радуваме. Се смета дека светлината го поттикнува лачењето на серотонин и ендорфини во телото, па оттаму се чувствуваме среќно и расположено кога има сонце, но тоа си има и своја непријатна, мрачна страна за која мора да бидеме свесни. Горните примери зборуваат за помали непријатности, но пролонгирано занемарување на фактот за штетните влијанија на УВ-зраците од сонцето на крај, доколку не сме внимателни, може да ни се одмазди.
Како темниот тен влезе во мода и го истурка аристократскиот тен
Легендата вели дека темниот тен на кожата влегува во мода некаде во 20-тите години на минатиот век, кога популарната модна икона Коко Шанел, случајно, после изгореница од сонце од невнимание додека престојувала на една јахта на француската ривиера, се здобива со потемнета боја на кожата. Нејзиниот исончан тен толку им се допаднал на сите, така што набрзо прераснал во нов моден тренд. Така, аристократското, господско белило, преферирано со милениуми наназад, уште од времето на старите Египќани, како обележје на статус и високо потекло, заминува во минатото, а го заменува темната, исончана боја на кожата, како нов пожелен моден и статусен симбол.
Сонцето, кое уште од порано било сметано за лековито (во 19-тиот век со „светлосна терапија“ се лекувале туберкулозата и депресијата), сега започнало да асоцира на луксуз, одмор и уживање.
Еуген Шилер, љубител на едрењето и основач на компанијата која ќе стане позната под името „Л’Ореал“, итно го ангажира својот тим стручњаци, за да осмисли крем со заштитен сончев филтер. Резултат на таа амбиција е првиот модерен производ за заштита од сонце наменет за широка потрошувачка. Тоа е добро познатиот „Ambre Solaire“, со бензил салицилат како УВ-абсорбент, кој излегува на пазарот во април 1935 година, само една година пред вработените Французи за првпат во историјата да добијат едномесечно платено отсуство од работа, денес добро познато како „годишен одмор“. Тоа ќе им овозможи на поголем број луѓе да патуваат во предели со многу сонце. Обичниот работен човек ќе се преобрази барем еднаш годишно во турист, кој одморот ќе го користи за летување. А таму, посакува да добие темен тен, но не и изгореница. Понатаму, сė е веќе историја.
Што трпи кожата како резултат на штетното дејство на сонцето
Во дерматологијата, за жал, тоа е почеток на еден нов проблем – борба со последиците од штетното дејство на сонцето (и УВР) врз кожата: зголемен број на изгорениците од сонце, фото-стареење на кожата, зголемена инциденца на кожен карцином, особено меланомот, чија стапка е повеќепати зголемена во светски рамки, почнувајќи од 60-тите години на минатиот век до денес.
Иако изгорениците од сонце, познати како соларен дерматит, отсекогаш постојат, сега истите, во летните месеци од годината, стануваат масовен феномен. Ќе поминат децении додека да се осознае во која мерка се штетни за здравјето и како правилно да се заштити кожата.
Ултравиолетовата радијација/зрачење, УВР (UVR) е составен дел на сончевата светлина. Сонцето (како и другите ѕвезди), спонтано емитира ултравиолетови зраци и кои се дел од неговиот електромангнетен спектрум. УВР-спектарот се состои од три вида зраци: А, Б и Ц, поделени според нивната бранова должина. УВЦ (UVC) се бранови со должина од 100 – 280 nm, УВБ (UVB) 280 – 315 nm и најдолги се УВА (UVA) зраците со 315 – 400 nm (нанометри). Видливиот дел од светлината е со бранова должина од 400-700 nm.
Сончевата светлина на нејзиниот пат до Земјата, се модифицира од земјината атмосфера и губи дел од својот интензитет. Молекулите на гасови, капки вода, озонската обвивка од стратосферата и кислородот, сите тие фактори придонесуваат за тоа дел од зраците да биде рефлектиран, а дел пропуштен до површината, но со послаб интензитет. Најголем дел од УВЦ зраците не стасува до нас туку се апсорбира од озонската обвивка, но УВА и УВБ-зраците доаѓаат до површината на Земјата и со тоа и до кожата на човекот.
Тие играат битна улога во предвременото стареење на кожата, оштетувањето на очите (влкучително и појава на катаракта), како и во етиопатогенезата на кожниот карцином. СЗО ја идентификува УВР како хуман карциноген. Таа е главната причина за појава на не-меланома кожниот карцином, а исто така има клучна улога и во развојот на меланомот.
Напладне, кога сонцето е високо на небото, 5 отсто од сончевото УВ-зрачење отпаѓа на УВБ-зраците, а останатите 95 отсто на УВА. Во други делови на денот, кога сонцето е ниско на хоризонтот, процентот на УВА е дури поголем.
Интеракцијата на УВ-зраците и кожата зависи, пред сѐ, од нивната бранова должина. Околу 5 отсто од УВР дифузно се рефлектира од кожата, а останатиот дел се пропушта, апсорбира или ре-емитира.
УВ-А зраците продираат подлабоко во кожата и нивното долготрајно штетно влијание се манифестира преку нејзино стареење, појава на дамки и други пигментации подоцна во животот, а понекогаш и кожен карцином. Тие зраци продираат и преку стаклата на прозорците. УВ-Б-зраците се оние кои имаат топлинско дејство на кожата и поради тоа предизвикуваат изгореници-црвена воспалена кожа на местото кое било изложено на силно сонце.
Изгореници од сонце
Сончевата изгореница (соларен дерматит) е акутна последица од прекумерно дејство на УВР врз кожата. Се работи всушност за акутно кожно воспаление, дерматит. Првично се појавува црвенило со болка, субјективно чувство на печење, сето ова проследено со видлив оток; можно е да се појават и пликови (меури) исполнети со серозна течност, кои во текот на неколку дена ќе преминат во ерозии и крусти, додека црвенилото полека се здобива со потемно црвена, до кафено-црвена боја и конечно целиот процес се завршува со лупење на кожата на местото на изгореницатаби нејзино заздравување.
Во текот на фазите низ кои минува изгореницата, и кои се најчесто процес кој трае неколку дена, кожата ја губи својата функција и мора да се заштити дополнително, соодветно да се негува, а понекогаш да се дадат и антивоспалителни локални, peros па и парентерални медикаменти.
Секогаш кога изгореницата ќе зафати 20 отсто или повеќе од површината на телото, треба да се побара лекарска помош. Сонцето мора да се избегнува во текот на тие неколку дена додека да заздрави кожата, односно да се престојува во затворено или во длабока сенка.
Постапки кои ќе помогнат во третман на соларниот дерматит се следните:
- Почесто туширање со постудена вода за да се разлади кожата, а по излегување од под туш, да се впие водата со благо допирање со мека крпа, така да се остави малку влажна. Веднаш, на така влажна кожа, се аплицира неутрално хидратантно средство во вид на лосион или крем (може да е на база на алое вера или соја – состојки кои смируваат изгореници). Така нанесено ќе помогне веднаш да се „зароби“ влагата во кожата.
- Доколку е неопходно, може да се нанесе слаб локален кортикостероиден препарат во вид на крем (на пр. хидрокортизон).
- Ако постои изразита болка или воспаление, може да се даде нестероиден антиинфламаторен аналгетик од типот на ибупрофен или аспирин во текот на 2-3 дена. Ќе ја намали болката, но и воспалителниот процес, па ќе спречи пролонгирано, дополнително оштетување на кожата.
- Многу е важно да се надомести течноста, да се спречи дехидратација, особено кај екстензивна изгореница на поголеми површини од телото. Се зголемува внесот на вода со пиење или понекогаш, според проценка на лекар, треба да се внесе течност и парентерално. Доколку се работи за дете, треба да се следи во текот на неколку дена дали доволно мокри, дали е жедно, има ли симптоми како сушење на устата, главоболка, зашеметеност. Сето тоа може да се знаци на посериозен облик на дехидрираност.
- Доколку постојат меури исполнети со течност, не се препорачува истите да се „пукаат“ или отвараат, за да не дојде до инфекција, туку треба да се остават самите да се засушат, што набргу се случува. Кожата исто така не треба да се лупи со раце.
- Кожата треба да е покриена со долга и широка облека од полн материјал, кој не пропушта светлина додека заздравува. Не се изложува повторно на силно сонце, пред да заврши целиот процес на излекување. Потоа, од исклучителна важност е да се превземат мерки за превенција од повторна изгореница.
- Новородени и деца до една година не треба да се изложуваат на директно сонце или да се сончаат. Доколку настане изгореница од сонце на вака мала возраст, се смета за ургентна состојба и треба веднаш да се хоспитализира.
Изгореница од сонце во детска возраст, во голема мерка го покачува ризикот од појава на кожен карцином и меланом подоцна во животот. Особено се внимава на децата до петгодишна возраст. Една или неколку изгореници со меури до 20-годишна возраст, ја зголемуваат веројатноста за карцином и до 75 отсто.
Кое и како средство со заштитен фактор треба да употребувате
Средствата за апликација со УВ-заштита играат голема улога во превенција на сончевата изгореница и други видови оштетување на кожата. Кога ќе се нанесат на кожата, тие ги одбиваат зраците од нејзината површина или, пак, само делумно дозволуваат апсорбција. За да биде квалитетно, ова средство треба да исполнува неколку важни услови: треба да поседува широк спектар на заштита, што значи, треба да штити и од УВ-Б и од УВ-А-зраците; понатаму, потребно е да има доволно висок заштитен фактор, најмалку од 30, па сѐ до 50 и повеќе.
За да се постигне заштита соодветна на онаа која е означена во вид на фактор, на производот што се користи, потребно е да се нанесе средството во доволна количина. Ако се употреби премалку средство, заштитниот фактор ќе се намали на вредност од половина, па и помалку, од онаа која е назначена на пакувањето. Просечен возрасен човек треба да нанесе 20-35 мл средство, за да се намачкаат сите делови од кожата.
Нанесувањето на заштитниот крем треба да се направи половина час пред да се излезе надвор или на сонце. Средство за заштита во летните месеци се нанесува и кога е времето облачно. Подоцна, во текот на престојот на отворено, се повторува мачкањето на кожата на секои два часа, или веднаш по пливање или обилно потење. Се мачкаат сите откриени делови од кожата, без да се заборават и некои места на кои послабо се обрнува внимание, како ушните школки, задната страна од вратот, горните површини на стапалата и сл.
Средствата на база на минерални филтри (цинк оксид и титаниум диоксид) се препорачуваат повеќе од оние со хемиски филтри. Освен тоа, битно е да не содржи парабен или супстанции како парфеми.
Корисни совети
Иако кожата ќе се намачка со средство со заштитен фактор, тоа не значи дека може слободно да се изложи на сонце без да се внимава. Ниту еден крем нема моќ идеално да ја заштити кожата, како кога е покриена со облека. Секогаш е потребна и дополнителна заштита. Не треба да се престојува на директно сонце во периодот помеѓу 11 -17 часот. Во овој период не треба да се сонча на плажа, но може да се седи во сенка и да се носи лесна облека и слично, која ја покрива кожата.
Задолжително, на сонце се носи капа и очила со УВ-заштитен филтер.