Магазин
Во „Синеплекс“ утре премиера на филмот „М“ на Вардан Тозија
Дистописката приказна за осамено момче од шумата, кое наидува на низа предизвици и авантури, барајќи ја својата самовила, ќе го има своето премиерно киноприкажување на 5 октомври во Синеплекс.
По премиерната проекција на филмот „М“ на Вардан Тозија публиката ќе може да го погледне во кино салите во Скопје и во останатите градови низ Македонија.
– Од колку слоеви и да е изградена приказната, темата е секогаш базична. Секогаш постои мал зрак светлина што не’ води низ најмрачните лавиринти. Никогаш не е доцна да се обидеме да го вратиме светот кој дозволивме да ни се уништи. Станавме експерти во самозалажување, во прикривање на сопственото “обесчовечување“. Основните начела на човечност, морал и етика исчезнуваат. Отстапуваат место на опортунизмот, алчноста и омразата. Оваа состојба на корумпирани убедувања и немилосрдна борба за подобра егзистенција над останатите, ги урна сите идеали, вели режисерот Тозија.
Сценариото е на Вардан Тозија и Даријан Пејовски, продуценти се Дарко Попов и Вардан Тозија, а филмот е работен со копродуценти од Франција, Хрватска, Косово и Лукембург.
Актерската екипа која ја сочинуваат: Матеј Сиваков, Сашко Коцев, Александар Ничовски, Камка Тоциновски, Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Верица Недеска, Владимир Тулиев, Оливер Митковски, Мирослав Петковиќ, Жаклина Петровска, Благоја Веселинов, Борис Дамовски, Јамина Билаловиќ, Михајло Миленковски и Тони Михајловски.
Кинематографер е Владимир Самоиловски, костимите се дело на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек, музиката е на реномираниот филмски композитор Натаниел Бергес (Nathanaël Bergèse) во соработка со францускиот ко-продуцент „Les Contes Modernes“.
Филмот е поддржан од Агенција за филм, Хрватскиот аудио визуелен центар, Косово филм центар, SACEM (Франција) ТВ ТелМа (Македонија), Agora Co-Production Market at IFF Thessaloniki 2019 ScriptTeast 2020 – Script Development Workshop (Poland, Germany, France) Sofia Meetings (WiP) at IFF Sofia 2020.