Занимливости
За 18.000 евра продадени шест писма кои принцезата Дајана му ги напишала на батлерот
Шест писма, кои британската принцеза Дајана своерачно му ги напишала на батлерот од Бакингемската палата, а во едно од нив се опишува радоста на синот Вилијам кога се родил неговиот помлад брат Хари, се продадени за речиси 18.000 евра.
Писмата, кои се напишани во 80-те и 90-те години за батлерот Сирил Дикмен, кој 50 години работел во Бакингемската палата, откриваат дел од животот на принцезата и нејзиното семејство во палатата Кенсингтон, соопшти аукциската куќа Чефинс од Кембриџ.
Во едно од писмата, испратено пет дена по раѓањето на Хари во септември 1984 година, принцезата ја опишува својата среќа.
-Вилијам го обожува својот помлад брат и времето му минува бакнувајќи го, а речиси не ни дава да му се приближиме, пишува во писмото.
На аукцијата се продадени и фотографии и разгледници испратени до батлерот во вредност од околу 64.000 евра.
Лејди Ди, принцезата од Велс, му беше сопруга на принцот Чарлс. Таа загина на 37-годишна возраст, на 31 август 1997 година во сообраќајна несреќа во Париз.