Младите откриваат нов јазик на меѓусебно разбирање – танцот
Танцот отсекогаш бил значаен дел од човековата култура. Некои археолошки откритија покажуваат дека тој постоел во Индија пред 9.000 години и Египет пред 5.300 години. Во модерно време, кога живееме динамично и брзо, кога исхраната не ни е секогаш на највисоко ниво и кога не сме активни физички, танцот е клучен, посебно кај младите.
Влијанието на танцот можеше да се воочи во саботата кога 50. млади од студијата „Break a leg“, „Eat the beat“ и „Aqua dance club“ одлучија да одржат танц битка во Аеродром, пред Капитол мол. Тие покажаа дека покрај физичките и здравствени придобивки танцувањето им помага да откријат нов јазик на меѓусебно разбирање. Тие се движеа и натпреваруваа меѓу себе исполнети со позитивна енергија и радост. Самата битка преставуваше нов начин на комуникација каде преку ритам и музика ги срушија стравовите на јавен настап, се запознаа со нови лица, создадоа пријателства и разговараа меѓу себе.
„Танцот е еден од начините каде на детето му се овозможува да ја развие својата моторика, а во исто време да го активира мозокот преку учење на движења каде се развива логиката, памтењето преку движењата и имагинацијата и креативноста. Преку движењата и музиката кај децата се надградува и емоционалната интелигенција, посебно преку тимската игра. Така се втемелува когнитивниот и психичкиот развој кој им помага на младите во формирање на нивната сопствена личност во понатамошниот раст и созревање.“, вели Андријана Петковски од „Break a leg“.
„Натпреварите се многу важни за децата. Танцувањето пред публика, соочувањето со конкуренцијата на подиум и дружење со истата надвор од подиумот се голема мотивација за напредок во танцувањето, а истовремено децата се соочуваат со чуствата како е да се биде најдобар, како е да се биде победен, па и последен и како да се носат со секоја победа и пораз, предизвици кои се дел од секојдневниот живот.“, порачува Симона Веселиновска Карадаковска од „Eat the beat“.