Занимливости
Нетфликс ќе снима реално шоу инспирирано од серијата „Squid Game“
Нетфликс ќе ја оживее мегапопуларната корејска серија која стана глобален феномен со најголемото реално шоу до сега, „Squid Game: Challenge“.
Како и во оригиналното сценарио на серијата, 456 натпреварувачи ќе се натпреваруваат за најголемата парична награда во едно реално шоу – неверојатни 4,56 милиони долари.
Шоуто ќе има десет епизоди, во текот на кои најмногу натпреварувачи во историјата на реалити шоута ќе се борат за големата награда, но за разлика од јужнокорејската серија, натпреварувачите кои нема да успеат во нивниот предизвик, сепак нема да бидат погубени.
Во серијата, елиминацијата означува инстантна смрт за играчот, но во реалити верзијата најлошата казна секако ќе биде да се врати дома со празни раце. Апликациите за шоуто се отворени на страницата Squid Game Casting, а шоуто ќе се снима во Велика Британија.
-Обожавателите на драма-сериите ги очекува фасцинантно и непредвидливо патување со нашите 456 учесници кои ќе се натпреваруваат низ најголемата компетитивна серија, полна со тензии и пресврти, со најголемата парична награда – пишуваат од Нетфликс.
Учесниците мора да имаат најмалку 21 година. Тие мора да зборуваат англиски и да бидат достапни до четири недели на почетокот на 2023 година, за снимањето.
Драмата „Squid Game“ го држи рекордот како најпопуларна серија на Нетфликс на сите времиња, со повеќе од 1,65 милијарди часови гледаност во првите 28 дена по нејзината премиера во септември 2021 година. Минатата недела, Нетфликс и режисерот Хванг Донг Хјук потврдија дека повторо ќе се обединат и најавија снимање на втората сезона.