Занимливости
Роналдо отвори YouTube канал и ги сруши сите рекорди
Португалскиот фудбалер го собори светскиот рекорд за најбрз канал на YouTube кој достигна еден милион претплатници.
Фудбалерот Кристијано Роналдо го отвори својот канал на платформата YouTube, а повеќе од милион претплатници се регистрираа во првите 90 минути.
39-годишниот, петкратен добитник на „Златната топка“ игра за клубот од Саудиска Арабија „Ал Наср“ и ја претставува Португалија на меѓународни турнири повеќе од две децении.
„Чекањето заврши. Мојот @YouTube канал конечно е тука! Зачленете се и придружете ми се на ова ново патување“, објави Роналдо во средата на своите профили на социјалните мрежи.
Роналдо има 112,5 милиони следбеници на платформата Х, 170 милиони на Фејсбук и 636 милиони на Инстаграм.
Бројките на YouTube му се и повеќе од фасцинантни. За помалку од 24 часа има преку 18 милиони следбеници и над 40 милиони кликови после 19 објавени видеа.
Кристијано Роналдо најави дека на својот канал ќе снима интересни видеа и подкасти, а називот на каналот е „UR“.