Магазин
Заврши празникот на гастрономијата во Струмица – спуштени завесите на „Гастромак 2017“
Со заминувањето на последните гости од Монголија, вчера и формално се спушти завесета на Вториот Интеранационален Гастрономски Натпревар – ГастроМак Македонија 2017.
Во изминатите седум денови, Македонија покажаа дека и една мала земја и дваесетина ентузијасти можат да организираат врвна меѓународна гастрономска манифестација, која ги подига стандардите на највисоко можно светско рамниште – едногласни се оценките на сите судии, натпреварувачи и гости кои што имаа можност да го посетат ГастроМак 2017 во хотелот Вила Парк во Струмица.
– „Ова беше извонредна манифестација, вистински празник за гастрономијата! Спој на најразличните вкусови од сите страни на светот. Чест ни беше што учествувавме на врвен кулинарски фестивал. Се гледаме и следната година во Македонија!”, изјави Бајанделгер Дорјготов, Претседател на Монголската Мастер Шеф Асоцијација.
Од 24 до 28 октомври, Македонија и Струмица ги живееја деновите на светското кулинарство. Над педесетина врвни судии на WACS, Светската асоцијација на шефови и тристотини натпреварувачи од триесетина земји, се натпреваруваа во 28 категории во најразлични видови на готвење храна. Гранд Прито, според стручното жири, отиде во рацете на тимовите од соседна Србија, а престижната награда за Најдобар готвач за 2017 на завршната церемонија ја додели, Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.
– „Впечатоците допрва ќе ги средуваме, во следните денови. Оценките од сите се дека Македонија направи врвна манифестација. Тоа е поголема обврска следната година да направиме уште подобар настан”, изјави Адријана Алачки, Претседател на ГастроМак, Асоцијацијата на готвачи на Македонија, во чија организација беше овој голем кулинарски натпревар.