ГЕНИЈАЛЦИТЕ НИЗ ИСТОРИЈАТА: Сигмунд Фројд
,,Соништата се само проекција на стварноста, а стварноста е проекција на соништата”
Без оглед што сите негови теории не биле секогаш прилагодливи, сепак бил генијалец, единствениот кој ќе влезе во лавиринтот на човековата душа менувајќи го начинот за размислување за човечкиот ум, поттикнувајќи многу следбеници и критичари да ги анализираат неговите теории како темел на психоанализата.
Векот што го живее е време на научен и индустриски прогрес, но Фројд трпи дискриминација од виенските академски кругови поради еврејското потекло. Роден на 6 мај 1856 година во Фрајберг, денес Прибор во Република Чешка, од татко Јакоб и мајка Амалија, 20 години помлада од сопругот и негова трета жена.Спротивните ставови во воспитувањето, помеѓу строгиот татко и нежната мајка, на која Фројд ќе ѝ биде миленик (го вика ,,златниот Зиги”) , ќе влијаат врз неговиот развој.
Од рана возраст го восхитуваат ликови како Мојсеј или Ханибал, читал сѐ што му било достапно, Гете и Шекспир му се омилени. Се описменува пред да тргне во школо и совладува повеќе јазици.На 10 години тргнува во средно школо и реди високи оценки, на 17 години студира на Виенскиот Универзитет, а на 23 години слушајќи го говорот на американскиот претседател Абрахам Линкол го преведува на германски и добива восхит од мајка му, негова голема поддршка. Со стипендија заминува на студии во Италија посветувајќи се на физиологија и анатомија на нервите. Но потеклото му е пречка во кариерата, без оглед на неговите ангажмани и успеси.
Стажира во Општата невролошка болница во Виена, а неговото искуство е катализатор за поттикнување на психоанализата. Многу пациенти биле со симптоми на ментална болест без видливи повреди на главата, што за тоа време било загатка.Уште од средниот век сите ментални симптоми кај женските пациенти биле нарекувани хистерија, но Фројд забележува дека истите симптоми ги имале и машките пациенти. Заминува за Париз да учи од најдобриот доктор Жан-Мартин Шарков и во болницата забележува дека заболените имаат длабоки душевни рани. Нивните истражувања се базирале на хипноза, состојба кога може да се дијагностоцира хистерија, затоа што пациентите зборувале за својата скриена потсвест ( причината обично била поврзувана со сексуални проблеми или злоставувања во детството).
Во тоа време, истражувањата за сексот на научна основа е табу тема и ерес, а конзервативните кругови ќе му ги оневозможат условите за научни истражувања. Искуствата со лекување преку хипноза ќе го доведе во фаза кога ќе се посвети на истражувањата за толкување на соништата и 1899 година ја објавува книгата ,,Толкување на соништата”.
По смртта на татко му го дефинира Едиповиот комплекс – теорија базирана на неговата љубов кон мајката во детството кога кон таткото чувствува одбивност, што подоцна созрева во почит. Сѐ повеќе се потврдува како сериозен научник и ќе биде поддржуван од младите доктори Ото Ранк, Ханс Закс, Алфред Адлер, Карл Јунг и други признати доктори. Негов најголем следбеник ќе биде Јунг, но подоцна се разединуваат.Првата светска војна ја преживува, но го погодува смртта на ќерката Софија и нејзиниот син Хајнеке. Ќе му дијагностицираат рак на вилица, но продолжува да работи.
Истражува за Его, кое го споредува со темна џунгла и sверски инстинкт и Ид – спротивен инстинкт кој ја контролира ограниченоста на личноста. Оваа идеја како резултат на неговото страдање ја објавува во истоимената книга 1926 година на својот 70 роденден. Неговиот истражувачки дух го наследува ќерката Ана која тргнува по неговите стапки. Се дружи со други познати генијалци, секој во својата област, како Ајнштајн и Томас Ман. Во 1924 година прогласен е за почесен граѓанин на Виена, а 1930 година ја добива Гетеовата награда. Следуваат низа светски награди, почити наклонетост од угледните научни кругови…
Но почнува фашизмот. На 10 мај 1933 година Хитлер наредува да се изгорат, на плоштадот во Берлин, сите антигермански книги вклучувајќи ги и на Фројд. Германскиот конгрес на психоаналитичарите почнува со книгата ,,Мајн Кампф” на Хитлер, на што претседателот Кречмер се спротиставува и веднаш добива замена – Карл Јунг кој веќе не комуницира со Фројд. Фројд, свесен дека боледува од рак, не сака да емигрира во Швајцарија или Англија, но куќата му е обележана со нацистичкиот кукаст крст.Со помош на своите студенти, пријатели и пациенти, на 3 јуни 1938 година тргнува со семејството за Лондон, патувајќи со возот Ориент Експрес преку Париз.
После две операци и многу морфиум умира на 83 години, без да знае какво sверство ќе ги снајде неговите четири сестри во концентрационите логори…