Силата на генијалецот
„Кога ќе се открие, секоја вистина е лесна за разбирање. Тешко е да се открие.” Галилео Галилеј, научникот кој ја открил вистината преку телескоп.
Лулката на ренесансата, во средниот век стагнира поради доминантноста на црквата и заостанатоста на науката . Сепак, Италија е земја во која е роден научникот Галилео Галилеј, откривач на небесните тела и големите вистини по пат на набљудување и експерименти. Роден е во Пиза на 15 јануари во 1564 година, три дена пред смртта на Микеланџело во многудетно семејство, најстариот од седумте браќа.
Татко му Винченцо бил уметник со благородничко потекло. Свирел на лаута, жичен инструмент прототип на гитарите, а експерименталните музички активнисти на неговата група биле основ за подоцнежните опери. Начитан и продуховен, таткото на славниот Галилеј знаел да се затвори во потесен круг пријатели, да внимава што зборува јавно за да се заштити од заостанатоста на сограѓаните од кои отскокнувал и во интелектот и во духот – особина која ќе му ја пренесе на Галилеј. Ќе ја наследи и љубовта кон музиката, поезијата и философијата, но неговиот најголем предизвик ќе биде математиката. Бил бистро и немирно дете, воспитуван со домашни учители со кои често се расправал користејќи силни аргументи за поткрепа на своите ставови, од кои никогаш не се одрекувал.
Заради материјална немоќ не студира во Фиренца, град каде европската наука и уметност доживуваат расцут, туку во манастирот Санта Марија. Првиот сериозен конфликт на Галилеј со татко му Винченцо е кога младиот научник ќе сака да се замонаши и целосно посвети на науката. Ќе биде стопиран од татко му кој го запишува да студира медицина на 17 години.Ќе се соочи со средновековен схоластички систем и Аристотелова доктрина базирана на традиционални правила, без простор за развој на нови експериментални содржини, што за еден потенцијален гениј било ограничување. Нема да биде популарен меѓу професорите и студентите, нема да има можност за расправи и ќе се сврти кон развратен живот. Напушта студии и сѐ почесто ги слуша говорите на научникот Остилије Ричи кој ќе му го позлати патот кон Архимедовата математика и геометрија.
Генијалноста ништо не ја спречува, експериментот е база за развој на науката и Галилеј 1583 година на неделна миса ќе се загледа во плафонската канделабра. Истиот ден експериментирајќи по дома го поставува законот за изохроно нишање на клатно и техниката за прецизно мерење на времето – идеја за глобалното мерење на времето во целиот свет. Неговиот изум, да во зависност од тежината на телото и должината и видот на канапот може да се направат различни клатна, докторите ќе го користат за мерење пулс кај пациентите. И покрај финансиските потешкотии генијалецот продолжува со прецизни проекти и изумува вага за мерење предмети во воздух и вода. Интересни се неговите размислувања за пеколот, кој според него се наоѓал под Ерусалим во големина колку 12 димензии на Земјата.Ќе биде запаметен по експериментот од Кулата во Пиза со кој го демантирал Архимед ( запишано од неговиот асистент кој му ја пишувал биографијата), дека две тела со различна тежина фрлени во исто време од височина не паѓаат истовремено, потешкото тело паѓа побрзо.
Галилеј фрлил две топовски ѓулиња со различна тежина, од врвот на кривата кула, и докажал дека паѓаат истовремено.Следува силата на телескопот, како резултат од гледање sвезди на небо од око на гениј. Го создава својот нов инструмент и го подарува на богатиот венецијански кнез ( дужд) очекувајќи поголема плата. Добива восхит, но не и пари! Неговите Италијани кои во овие траорни моменти страдаат од корона вирусот,како и сите ние низ светот, кога мериме температура треба да знаеме дека го измислил и термометарот.
Силата на ентузијазмот на еден талентиран научник ништо не можело да ја спречи, па ни инквизаторските алатки на Католичката црква. Може само смртта, на 78 години опкружен со семејството заминува физички, но живее со оставените дела.