Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Марија Ристовска: „Потребно e и понатаму да се работи на подигнување на свеста за потенцијалот и можностите на е-трговијата“ (ИНТЕРВЈУ)

Интернет

Марија Ристовска: „Потребно e и понатаму да се работи на подигнување на свеста за потенцијалот и можностите на е-трговијата“ (ИНТЕРВЈУ)

Изминува уште една година која беше особено исполнета со активности за Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, прва и единствена асоцијација која се стреми кон инклузивна е-трговија со мисија да се креира иднина за раст и развој на е-трговијата во Македонија. Дел од успешно реализираните проекти е и првата регионална веб платформа за е-трговија – ecommerce4all.eu која претставува бесплатен информативен портал за клучните аспекти на е-трговија за сите ЦЕФТА пазари (Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора и Молдавија).

За потребата за развој на ваква интернет платформа, најновиот модул за беџ за верифицирани е-трговци, како и плановите за идната година, зборувавме со Марија Ристовска, проектен менаџер во АЕТМ.

  • Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ во текот на минатата ја разви првата регионална веб платформа за е-трговија – ecommerce4all.eu. Може ли да ни кажете повеќе за оваа веб платформа – за кого е наменета и што се може да се најде на неа?

Платформата ecommerce4all.eu која е прва регионална платформа за е-трговија претставува бесплатен ресурсен и информативен центар за клучните аспекти на е-трговија за сите ЦЕФТА пазари (Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово*, Црна Гора и Молдавија). Веб платформата се состои од релевантни податоци и ресурси за е-трговија, вклучувајќи основни податоци и индекси поврзани со е-трговија, интерактивни графикони и податоци за развојот на пазарот за е-трговија на ЦЕФТА, како и податоци за клучните аспекти на водење бизнис во е-трговија, кои се структурирани во неколку модули. Веб-платформата има за цел да им послужи на сите компании кои сакаат да почнат да работат со е-трговија на својот домашен пазар, но уште поважно, може да им послужи на нивните планови за ширење на другите пазари на ЦЕФТА.

  • Како дојдовте до идеја за развој на ваква веб платформа за е-трговија?

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија има за цел да ги поддржи интересите на компаниите за е-трговија, сите засегнати компании и организации, како и да придонесе кон знаењето за е-трговија и негово проширување, вклучувајќи ги поврзаните услуги и технологии. Во таа насока, во 2020 година АЕТМ ја лансираше првата веб платформа за е-трговија Ecommerce4All.mk за македонскиот пазар, која беше развиена со поддршка на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем. Почнувајќи од ноември 2021 година, по успешното лансирање на домашната веб платформа и потребата од унифицирана точка со информации за е-трговија за цел регион, АЕТМ заедно со асоцијациите за е-трговија и ИКТ од ЦЕФТА пазарите започна да ја развива и проширува платформата регионално, правејќи ја достапна за сите седум пазари на ЦЕФТА, со поддршка на Отворениот регионален фонд за Југоисточна Европа – Надворешна трговија во рамки на Германското друштво за меѓународна соработка – GIZ, по нарачка на Германската влада и ЕУ. Регионалната веб платформа ecommerce4all.eu е бесплатна и достапна за користење во секое време. Содржините на платформата се достапни на англиски јазик и на локалниот јазик на секоја земја.

  • Најновиот модул кој беше развиен на оваа веб платфрома е т.н. регионален беџ за доверба е-трговија – што всушност претставува овој беџ, кои се условите за да се добие и која е целта на овој проект?

Најновиот модул всушност претставува информативна страница за првиот Регионален беџ за доверба во е-трговија за пазарите од ЦЕФТА кој се развива заеднички од страна на асоцијациите за е-трговија во Македонија, Србија, Албанија и Босна и Херцеговина. Регионалниот беџ за доверба во е-трговија е визуелна ознака што е-продавниците од целиот Балкан ќе може да ја добијат откако ќе поминат низ евалуација која има за цел да ја процени нивната комплементарност со одреден сет на критериуми за работење во е-трговија. Откако нивната апликација за здобивање со ваков беџ ќе биде одобрена од асоцијациите за е-трговија од регионот, е-продавниците ќе може да го прикажат беџот на нивните веб-страници. Регионалниот беџ за доверба во е-трговија е дизајниран да ја намали недовербата на потрошувачите и да ја реши најголемата пречка за потрошувачите додека донесуваат одлука за купување – купувањето од недоверлив, сомнителен е-продавач, особено кога купуваат прекугранично. Условот за некоја е-продавница да може да аплицира за Регионалниот беџ за доверба во е-трговија е најпрво да има стекнато локален беџ за верификуван е-трговец од националната асоцијација за е-трговија. Деталниот процес за стекнување на Регионалниот беџ за доверба во е-трговија е во развој и ќе биде објавен наскоро.

  • Дали тоа значи дека ќе можеме сигурно да купуваме од е-продавниците во Македонија, но и од целиот регион? Кои се придобивките за купувачите, но и за е-продавниците?

Кога се купува преку интернет, првиот впечаток е многу важен. Тоа значи дека кога потенцијалните клиенти за прв пат посетуваат една е-продавница, довербата е од витално значење. Особено доколку станува збор за прекугранични трансакции, ако клиентите сметаат дека некој е-трговец е недоверлив или нема кредибилитет, тие најверојатно ќе ја напуштат неговата е-продавница. Со Регионалниот беџ за доверба во е-трговија, асоцијациите за е-трговија од Балканот ќе ја стимулираат меѓународната онлајн трговија преку подобра заштита на потрошувачите и е-трговците. Регионалниот беџ за доверба во е-трговија ќе покаже дека онлајн продавницата е проверена од националните асоцијации за е-трговија, и дека е во согласност со законите и прописите неопходни за водење бизнис со е-трговија. Како резултат на тоа, потрошувачите ќе бидат посигурни во онлајн купувањето, а регионалниот беџ за доверба во е-трговија им помогне на потрошувачите од пазарите на ЦЕФТА полесно да донесат информирани одлуки. За е-продавачите главните придобивки се во зголемената доверба и кредибилитет во нивниот бренд, конкурентска предност во однос на оние е-продавници што не поседуваат беџ за доверба во е-трговија,  како и зголеменото ниво на конверзија на онлајн продажби, базирана на зголемената доверба во нивната е-продавница. За е-купувачите главните придобивки се намалениот ризик од купување од несигурни или непознати е-продавници, носењето на информирани одлуки за онлајн купување и подобрено искуство при онлајн купување поради веродостојните информации за автентичноста на производот и услугите на е-трговецот. Во С. Македонија, од 2021 е развиен и функционира Беџот за верификуван е-трговец кој овозможува јасна дистинкција помеѓу оние е-трговци кои што се регистрирани во една од петте банки во нашата земја и нудат можност за онлајн плаќање за своите производи и услуги и воедно се верифицирани од страна на Асоцијацијата за е-трговија, а од неодамна развиенa е и унапредена верзија на регистарот на  регистарот на сите верификувани е-трговци во Република С. Македонија кој е достапен за сите граѓани на нашата земја.

  • Кои се идните активности на вашата организација?

Потребно e и понатаму да се работи на подигнување на свеста за потенцијалот и можностите на е-трговијата, градење на доверба кај купувачите, едукација на пазарот за онлајн купување и онлајн продажби, зголемување на понудата во е-трговијата, намалување на неформалната економија,  зајакнување на дигиталните вештини, унапредување на платежните решенија и доставата како и да се работи на јавно приватен дијалог за ревидирање и усогласување на регулативата со ЕУ. Поради тоа, и во текот на 2024 година Асоцијацијата за е-трговија ќе продолжи да работи на имплементација на започнатите проекти и иницијативи од 2023 година, меѓу кои и дополнување на регионалната веб платфрома за е-трговија со нови и ажурирани податоци, но и на реализација на нови активности кои ќе придонесат за унапредување на секторот со е-трговија во С. Македонија и во регионот, но и на прекуграничната е-трговија.

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од Интернет

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.