Sci-fi
НАСА официјално потврди: На Марс е пронајдена течна вода!
На денешната прес-конференција на НАСА главна тема беше планетата Марс и беше откриено дека на Марс има вода која тече под нејзината површина, а тоа е доволен доказ за потенцијален живот на оваа планета.
Научници на Американската вселенска агенција (НАСА) денеска соопштија дека на Марс има вода и тоа не само замрзната, туку и во течна состојба.
– Марс не е сува, неплодна планета како што некогаш мислевме, изјави на прес-конференција Џим Грин, директор за планетарна наука на НАСА, нагласувајќи дека на „црвената планета“ е пронајдена вода во течна состојба.
Станува збор за солена вода која тече во потоци низ кањоните и кратерите на Марс во тек на летниот период.
Долгите, темни дамки кои водата ги остава зад себе, се појавуваат во текот на најтоплите месеци на Марс, а исчезнуваат кога површинската температура ќе се намали во останатиот период од годината.
И порано постоеле докази дека на Марс има вода, но фактот дека има вода во течна состојба е едно големо научно откритие. Речиси пред четири децении, научниците открија смрзнати капки, додека ерозијата на површината сугерираше дека некогаш на Марс имало реки и океани.
До сега се веруваше дека Марс е замрзната пустина, при што доказот за вода во течна состојба менува одредени работи за кои експертите во минатото донеле заклучоци. Од НАСА соопштија дека истражувањето на површината на Марс продолжува.