Наука
Со „garage sale“ продажба корчагинци го поттикнуваат претприемничкиот дух
Дека креативноста не познава граници потврдуваат учениците од скопската гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ кои оваа недела во рамките на предметот „Иновации и претприемништво“ организираат „garage sale“ продажба во нивното училиште, а собраните средства ќе бидат донирани во хуманитарни цели, но и за потребите на училиштето.
Се продаваат книги, накит, сувенири, украси, свежи сокови и овошни салати, слатки десерти, па дури и облека! Целта на настанот е преку симболична продажба да се поттикне претприемничкиот дух кај учениците, но во исто време да се развие креативноста и свеста за хуманост.
-„Практичниот дел од оваа програма нема да заврши со овој настан, затоа што пред Нова година учениците се подготвуваат истото да го организираат во Градскиот трговски центар во Скопје. Дел од паричните средства од овој настан ќе бидат донирани во хуманитарни цели, а останатите ќе бидат наменети за некоја потребна опрема во училиштето.“ – изјавува професорката Татјана Голчева.
Инаку, корчагинци и минатата година го покажаа на дело претприемничкиот дух, каде под менторство на професорката Голчева се продаваа разни здрави овошни сокови и десерти, а собраните средства беа донирани во хуманитарни цели.
-„Во иднина ќе продолжиме со вака сличните проекти, кои нѐ мотивираат креативно да размислуваме и да ги прошириме нашите погледи и знаења кон областа на претприемништвото.“ – додава Марко Минов, ученик во гимназијата.
Учениците од оваа скопска гимназија ве покануваат и денеска на креативното дружење, на последниот ден од „garage sale“ продажбата, во холот на нивното училиште.