Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

„Спејс Икс“ го лансираше интернетот во вселената

Наука

„Спејс Икс“ го лансираше интернетот во вселената

„Спејс икс“ на Илон Маск, основач на компанијата за производство на електрични автомобили „Тесла“, денеска во орбитата лансираше ракета со сателити за обезбедување на „глобален интернет“.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, лансирањето од воената авиобаза „Вандерберг“ во Калифорнија беше одложено неколкупати. Еднаш поради „дополнителни проверки на корисниот товар и неговиот модифициран штит“, а потоа поради силните ветрови во високите зони на полетот.

Првиот стадиум на ракетата „Фалкон 9“ се искористи повторно во денешното лансирање, нејзиното враќање и приземјување не се планираше. Штитот на полезниот товар се оддели успешно во третата минута од летот и „Спејс икс“ планира да го најде и да го искористи повторно.

Главниот товар, шпански радарско-оптички сателит „ПАЗ“ за двојна, воена и цивилна намена, е пуштен на стандардната поларна орбита по нарачка на компанијата „Хисдесат“.

Интересно за ова лансирање е споредниот товар. Тоа се два експерименетални сателита „Микросат 2а“ и „Микросат 2б“ со тежина од по 400 килограми. Тие успешно се одделија од вториот стадиум по одделувањето на шпанскиот сателит на единаесетата минута од летот.

Овие сателити се дел од проектот за глобален широкопојасен интернет „Старлинк“. Компанијата на Маск сега го тестира работењето на овие сателити со пренос на сигнал до стационарни станици во САД и на автомобилски платформи во движење.

Ако овој проект се одвива според плановите, „Спејс икс“ до 2024 ќе прати во ниска орбита вкупно 12.100 сателити.

– Тоа се 4.400 „Микросат“ сателити од „К“ дијапазон и 7.700 други од „В“ дијапазон. Мрежата од сателити ќе биде поврзана со супер брзи ласерски дата-линкови, а формирањето на радиобрановите на приемниците ќе се одвива според принципот на антенска решетка во фази, изјавија од „Спејс икс“.

Според компанијата, ова треба да обезбеди интернет сигнал со брзина од еден гигабајт во секунда (според стандардите на 5Г) низ цел свет, независно од локацијата на корисникот.

Цената на уредот за приклучување е 200 долари. Проектот чии 10 милијарди долари, но Маск планира до 2025 да приклучи на оваа глобална интернет мрежа 40 милиони корисници и годишно да заработува барем 30 милијарди долари.

Комерцијална експлоатација на мрежата е можна при група од 800 сателити, изјавија од компанијата.

Кај американските регулаторни органи досега се поднесени вкупно 12 барања за тестирање на сателити за обезбедување на интернет.

Слична мрежа на сателитски интернет се обиде да направи и „Гугл“, кој потоа стана еден од најголемите вложувачи во „Спејс икс“. Јапонската банка „Софтбанк“ и милијардерот Ричард Бренсон ја поддржаа европската „ОнеВеб“ чија цел е да обезбеди широкопојасен интернет во 2019 година.

„Фејсбук“, пак, планира да обезбеди интернет врска во недостапните краишта на планетата со помош на дронови.

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од Наука

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.