Sci-fi
Жителите на Лондон добија можност да тестираат автобуси без возачи (ФОТО)
Жителите на Лондон добија можност во следните три недели самите да ги тестираат автобусите без возачи на улиците на градот.
Околу сто луѓе ќе можат да патуваат во овој автобус кој ќе вози околу 16 километри на час во регионот Гринич, под контрола на компјутер, јави Би-Би-Си.
Меѓутоа, во автобусот секогаш ќе има обучено лице кое ќе може во кој било момент да го запре возилото.
„Оксботика“, компанија која ја разви технологијата за движење на автобус без возач, соопшти дека околу 5.000 луѓе веќе се пријавиле да учествуваат во истражувањето во Лондон.
– Многу малку луѓе доживеале искуство за возење во возила без возач, така што ова е совршена можност за оние кои сакаат да го почуствуваат тоа. Се надеваме дека жителите на Лондон ќе го прифатат нашето возило кое може да се движи по нивните улици во иднина, изјави за Би-Би-Си извршниот директор на „Оксботика“, Грахам Смит.
Во автобусот без возач на компанијата „Оксботика“ ќе можат да седнат четири лица. Автобусот нема волан, ниту сопирачки. Неговото движење целосно го контролира компјутер.
Властите во Лондон сметаат дека воведувањето на автобус без возач може да ја подобри сообраќајната поврзаност на лондонскиот регион со Гринич.
– Велика Британија има богата историја на иновации во автомобилскиот сектор. Овој вид на технологија има потенцијал да спаси животи и природата, а е одлична понуда за постарите лица или лица со проблеми во движењето, изјави британскиот министер за индустрија Ник Хард.