#ПромовирајДомашно
Еко-возилата на велешки „Брако“ во холивудски хит-филмови!
Холивудските блокбастери „Men In Black 3“ и „Star Wars: Episode I – The Phantom Menace“ имаат една заедничка работа, а тоа се еко-возилата за чистење урбани средини на компанијата „Green Machines“, која е дел од конзорциумот на велешки „Брако“. Два модели од овие возила, произведени во Македонија, а извезувани и барани во целиот свет, се појавуваат во сцени и на двата филма.
Холивудската слава на „зелените машини“ почнува пред 21 година, кога во 1999 година познатиот режисер на серијалот „Војна на ѕвездите“ Џорџ Лукас, по 22-годишна пауза од снимањето на првиот филм од серијалот го снима второто продолжение. Седум години претходно, компанијата „Грин машинс“, чие седиште тогаш се наоѓа во Шкотска, на пазарот го исфрла првиот модел на возило за одржување хигиена во урбани средини од серијата 400. Во наредните неколку години овие возила со иновативен дизајн и исклучителна функционалност почнуваат да се користат речиси во сите градови во Велика Британија. Подготвувајќи го филмот Лукас поминал покрај Бакингемската палата во Лондон и го забележал возилото што ја чистело улицата. Му изгледало футуристички и уште веднаш решил дека ќе го искористи во некоја од сцените во новото продолжение на хит-серијалот.
Втората филмска улога возилата на „Грин машинс“ ја имаат тринаесет години подоцна откако му паѓаат во очи на режисерот Бери Соненфилд. Многу слично како и Лукас, Соненфилд го забележува еко-возилото во периодот кога се подготвува за снимањето на третото продолжение на „Луѓе во црно“. „Зелената машина“ во истиот момент добива „улога“ заедно со Вил Смит, Томи Ли Џоунс и Џош Бролин. Сигурно се сеќавате на сцената каде што симпатичното футиристичко возило го влече чудовиштето што му создаваше проблеми на агентот Џеј (Вил Смит).
„Грин машинс“ е една од најстарите компании за производство на правосмукалки. Основана е во Шкотска во 1964 година, а од пред три години почнува соработка со велешки „Брако“, кој почнува да ги произведува „зелените машини“. Од 2019 година основана е нова компанија „Грин машинс“ ДОО Велес, по што комплетното производство е пренесено во погоните на оваа компанија. Машините денес се извезуваат во повеќе од 45 земји низ светот и се продаваат како македонски производи. Велешките еко-возила ги чистат најпознатите локации низ светските метрополи – Бакингемската палата, плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан, улиците на Сингапур, „Дизниворлд“ и „Тајмс сквер“ во Њујорк итн.
Оваа компанија соработува и со Факултетот за машинско инженерство при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје. Како резултат на соработката, студентите добиваат можност да работат на проекти за развивање нови технологии и да си обезбедат иднина во струката.
„Грин машинс“ посветено ја следи својата визија и планира да стане водечка компанија во оваа бранша, да развие нови технологии и иновативни производи на широкиот пазар за одржување хигиена во урбани средини.