МК Сцена
АНИТА МИЦОВА: „На пат кон југ“ е за мојот сопруг – валцер на хармоника за публиката
Поп-пејачката Анита Мицова повторно ги изненади своите фанови, овој пат со објавувањето на спотот за песната „На пат кон југ“, композиција што се наоѓа на нејзиниот албум „Ти сум јас“. Мицова спотот го снимаше во околината на Охрид. Песната е валцер, но со етнопризвук.
– „Оваа песна има посебно значење за мене. Композицијата говори за мојот живот и за животот на мојот сопруг, кој неколку месеци беше далеку од нас. Инвестиравме во овој спот, кој навидум изгледа едноставно и е снимен во два кадра, но, сепак, има приказна во која ќе се пронајдат многумина. Композицијата има специфичен мелос, а доминираат хармониката и перкусиите“, вели Мицова.
Во видеоспотот, покрај Анита Мицова, се појавува и Ева Куцоноска. Таа преку овој запис ја остварува својата желба од детството да свири на хармоника.
– „Создавањето нова музика не го правам за да постигнам слава, туку за да оставам зад себе квалитетна музика. Промовирањето на албумот, композициите и спотовите чинат пари, и благодарение на мојот сопруг Марко, кој долго време беше далеку од мене, а кому му ја посветив оваа песна, јас можам да го постигнам ова. Спотот беше изненадување за него, мој подарок за неговото враќање дома“, истакнува Мицова.