МК Сцена
Битола започнува да живее во филмската магија: Утре започнува фестивалот „Браќа Манаки“
Градот на конзулите на големо се подготвува за 36. на ИФФК Браќа Манаки. Денес од рано утрово во тек се подготовките за стартот на ова издание на фестивалот на филмската камера. Организаторите велат дека се е подготвено за почеток на фестивалот.
Рекламниот материјал е веќе распределен низ градот, денес поставено е и големото платно на Центарот за култура, а и црвениот тепих е веќе подготвен. За утре се закажани последните технички проби пред почетокот на фестивалот.
Оваа година новиот директор на фестивалот донесе и новини во фестивалот околу програмата, црвениот тепих, новинарите, како и прес центарот и канцелариите.
Специјалните гости кои се најавени, утре ќе поминат по црвениот тепих кој започнува од 19 часот и 30 минути, а гостите веќе се пристигнаати во Битола и сместени во неколку хотели низ Битола.
Оваа година новина е и големиот шатор кој ќе биде поставен пред Центарот за културата во кој Би милк ќе организира коктел, а новинарите ќе имаат можност за изјави од гостите.
Претставувањето на добитниците на Специјалната награда „Златна камера 300“ на актерите Бруно Ганц и Алексеј Серебрјаков ќе биде на првата пресс конференција во Битола, закажана за утре во 11 часот, во новиот пресс центар на фестивалот кој се наоѓа во Центарот за култура.
И оваа година директен пренос ќе врши МРТ, Орбис телевизија и телевизија Тера.
За потсетување, интернационалниот Фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ се одржува секоја година во Битола. Oрганизиран е од Друштвото на филмските професионалци на Република Македонија, под покровителство на Претседателот на Република Македонија, како и со поддршка на Министерството за култура, Агенцијата за филм на Македонија и Општина Битола. Официјален партнер е Вип оператор.
Стожер на фестивалската програма е категоријата „Камера 300“ – официјалниот натпревар на долгометражни филмови од најновата европска и светска продукција. Директорите на фотографија на филмовите кои учествуваат во оваа категорија добиваат: Златна, Сребрена и Бронзена камера. Составен дел од Фестивалот се и програмите: „Нов европски филм“, „Сее камера“ и документарната програма.
На „Браќа Манаки“ се организираат и работилници, семинари, промоции и изложби. Фестивалот ја доделува и Наградата за животно дело. Со својата впечатлива програма која од година в година станува сѐ побогата, Фестивалот е атракција, како за филмаџиите така и за филмофилите од целиот свет.
Од Битола за Популарно.мк – Јовица Пауноски