МК Сцена
„БОРИС ТРАЈКОВСКИ“ ГОРЕШЕ: Легендарните Whitesnake докажаа дека Скопје знае да се забавува! (ФОТО)
Насловна фотографија: Емилија Стојменовска / Популарно.мк
Авалон продукција уште еднаш одржа лекција како да се организира концерт за паметење во Скопје! Легендарните „виолетови“ Whitesnake вчеравечер едноставно гореа во салата „Борис Трајковски“ заедно со скоро десетилјадната публика.
Точни како швајцарски часовник, на сцената прво се појавија Австралијанците The Dead Daises кои беа изненадени од фактот дека македонската публика ги знае нивните песни, па ветија дека после концертот ќе се запознаат со нивните верни фанови, иако гласноста на нивниот настап беше премногу вознемирувачка за дел од публиката на трибините.
По нивниот настап следуваше кратка пауза, за потоа да почне огнот. Како што организаторите најавија, во точно 21:30 часот на сцената се појави Дејвид Ковердејл и неговиот бенд и веднаш ја запалија сцената.
Се редеа хитовите „Burn“, „Love Ain`t no Stranger“, „Give me All Your Love“, „Ain`t no Love in the Heart of the City“…
ФОТОГАЛЕРИЈА: Емилија Стојменовска / Популарно.мк – ЗАБРАНЕТО КОРИСТЕЊЕ НА ФОТОГРАФИИТЕ
ЦЕЛОСНАТА ФОТОГАЛЕРИЈА МОЖЕТЕ ДА ЈА ПОГЛЕДНЕТЕ СО КЛИК ТУКА!
Во краткото претставување на бендот, Дејвид ја искористи можноста да и се заблагодари на верната македонска публика, потсетувајќи ги на нивната последна средба во Скопје, пред скоро една деценија.
Соло точката на басистот Мајкл Девин на усна хармоника иако беше неверојатна, сепак беше премногу долга и на моменти досадна за публиката. Следуваше „You Fool No One“ – уште една преработена песна на Deep Purple. Изведбата на соло настапот на гитара беше „спасен“ од тапанарот Алдридг, кој во еден момент ги фрли стапчињата на публиката и продолжи да настапува со голи раце, а публиката го награди со громогласен аплаус.
Најголемите хитови беа оставени за крај. Едноставно цела сала во еден глас ги пееше нивните најголеми хитови – „Is this Love“ и „Here I Go Again“, што на моменти пеењето на публиката беше погласно дури и од музиката.
Иако заминаа од сцената, Whitesnake беа повикани на бис, и по изведбата на „Still of the Night“ се поздравија со неколкуилјадната публика, која беше дојдена од цела Македонија, но и од соседството.
Публиката два часа непрестано аплаудираше со овации, а тоа воопшто не е за потценување, туку потврда дека Whitesnake се уште ја имаат енергијата да ја запалат публиката до максимум!