Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Бота-Николиќ: Сонував да добијам награда на „Браќа Манаки“

МК Сцена

Бота-Николиќ: Сонував да добијам награда на „Браќа Манаки“

Богат ден во прес-центарот на фестивалот со промоција на гостите од речиси сите програми. Кинематограферот и режисер Божидар-Бота Николиќ, кој во саботата навечер ја прими наградата „СЕЕ камера“ за особен придонес во балканскиот филм, не ја криеше радоста што бил награден на фестивалот „Браќа Манаки“, признавајќи дека пред неколку години кога учествувал на фестивалот со филмот „Животот е убав“ на Бора Драшковиќ, си замислувал дали некогаш би добил награда за животно дело.

-Јас очекував награда и за тој филм, ама не добив. Па си реков, како ќе добијам за животно дело, кога не можам да добијам „Златна камера“. Ме радува што во последните десетина години преку фестивалот се гледа дека се менуваат работите во филмската индустрија во регионот и дека го надминавме мрачниот период по распаѓањето на Југославија – рече Николиќ.

На прашањето колку му е важна новата технологија во работата на кинематограферите, тој рече дека него го интересира тоа што го гледа низ камерата и дека така ги советува и помладите филмаџии.

-Отсекогаш сакав да снимам филм во кој ќе употребам македонска музика, оти ја обожувам. Пред некоја година, Мето Јовановски ми беше на гости и го однесов кај друг Македонец да се дружиме, па не можеше да верува дека толку ја знаеме вашата музика.

Николиќ е режисерот што го откри Бред Пит во 1989 година.

-Во една фаза од кариерата сфатив дека ако сметаш дека си го научил филмскиот занает, треба да заминеш во Холивуд. На кастинг со 400 актери, јас го избрав него. Цел живот ми е благодарен за тоа. Пред некоја година кога Анџелина го снимаше филмот во Сараево, се сретнавме и тој само рече – Ова е Божо за кој сум ти зборувал. Знаев дека ќе ми понуди да работиме заедно. Од дете ја сакав музиката од „Снежана и седумте џуџиња“ и му предложив да направиме мјузикл, на што работевме година и кусур, ама еден ден ми рече дека не е паметно да се бориме со „Волт Дизни“ со таков проект, оти ќе изгубиме – рече Николиќ.

Од денеска почна и Вип детската програма, како и проектот „Џифони патува“, во кое ќе бидат вклучени многу ученици и средношколци. Ќе имаат прилика да гледаат филмови, да учествуваат на работилници.

This slideshow requires JavaScript.

Гостин на фестивалот од Официјалната програма е Ален Маркоен, кој го работеше мексиканскиот „600 милји“ и е чест соработник на браќата Дарден. Во филмот главната улога ја толкува англискиот актер Тим Рот.

Фестивалска премиера доживеа е и нашиот кандидат за Оскар „Медена ноќ“ на Иво Трајков, а го промовираше продуцентот Роберт Јазаџиски. Филмот беше дел од програмата „СЕЕ Камера“. На прашањето дали е важно да се бориме за Оскарите, продуцентот рече дека треба да се трудиме да се промовираме колку што може повеќе и потсети на доброто искуство со „Големата вода“, кој беше наш кандидат за Оскар во 2005 година и успеа да влезе во потесен избор.

„Медена ноќ“ во наредниот период ќе оди на неколку фестивали, меѓу кои во: Виена, Котбус, Солун и други.

Режисерката Дебора ван Дам е гостинка на фестивалот во Документарната програма. Таа го изрази своето големо задоволство што е гостин на „Браќа Манаки“, истакнувајќи дека програмата нуди богата програма.  

Салата на Центарот за култура беше преполна за премиерата на играно-документарниот филм „Последниот Македонец – Патот до истребување“ на режисерот Илија Пиперкоски,а  во режија на Снежана Лупевска-Созен. Филмот отвора големи прашања за македонската историја од времето на Букурешкиот договор. Режисерот Пиперкоски посакува филмот да го обедини нашиот народ и да отвори дебата помеѓу историчарите.

-Не очекував таков интерес со оглед на тоа дека играно-документарниот жанр е многу комплексен. Ова е филм што буди емоции и дилеми и отвора прашања за дискусија – рече Лупевска-Созен, за која ова е прв филм како продуцент.

Особено шармантниот португалски режисер Жоао Салавиза со чиј филм беше отворена програмата „Нов европски филм“, предизвикува големо внимание. Тој е еден од најмладите режисери – добитник на наградите на Берлин и на Кан.

-Многу се радувам што сум овде и ова не ви го кажувам колку да го кажам. Пред Битола, филмот имаше премиера во Венеција. Не сакам фестивали каде морам во кино да одам со стајлинг како за на свадба кај сестра ми. Овде се чувствувам одлично. Мислам дека филмските фестивали треба да постојат заради филмовите, а не поради луксузните автомобили  и ѕвездите и сите други работи – рече Салавиза.

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од МК Сцена

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.