МК Сцена
Британската ѕвезда Вилкинсон на главната бина на Д Фестивал во Дојран
Најсјајната нова ѕвезда на британската денс сцена ВИЛКИНСОН (WILKINSON) доаѓа на Д ФЕСТИВАЛ како последното име кое ќе ја предводи програмата на првиот фестивалски ден.
Марк Вилкинсон (Mark Wilkinson), авторот на глобалната денс химна „Afterglow“ со 36 милиони прегледувања на „Јутјуб“, кој изминатата година ги собра наградите за Најдобар сингл, Најдобар албум, Најдобро видео, Најдобар продуцент и Најдобар лајв изведувач на британските „Национални драмендбејс награди“ (National Drum & Bass Awards), во вистински момент доаѓа во Дојран со првиот диџеј сет пред македонската публика!
Главната бина на Д ФЕСТИВАЛ на 17. јули (петок) ќе го пречека лондонскиот диџеј и продуцент кој доминираше на британските листи со денс сингловите од албумот „Lazers Not Included“, а ремиксите ги потпиша за имиња како што се „Горгон Сити“ (Gorgon City), „Чејс & Статус“ (Chase & Status) и „Егземпл“ (Example), покрај неизбежната клупска верзија на песната „Sing“ на Ед Ширан (Ed Sheeran).
Неговиот нов сингл „Hopelessly Coping“ е следниот голем хит кој ќе го одбележи ова лето, а кој сигурно ќе го понесе танцувачкиот подиум пред главната бина на единствената фестивалска понуда ова лето кај нас, Д ФЕСТИВАЛ во Дојран.
Со ВИЛКИНСОН се затвора комплетната програма на главната бина на Д ФЕСТИВАЛ која ги вклучува и настапите на МАНУ ЧАО ЛА ВЕНТУРА, КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ и ТК ВОНДЕР, ЕЛЕКТРИЧНИ ОРГАЗАМ, ФОЛТИН, БЕД КОПИ, ЉУБОЈНА БРАС ФАНТАЗИ, ФУЛИШ ГРИН, ПМГ КОЛЕКТИВ, НОВИОТ ПОЧЕТОК, ПОИНТ БЛЕНК, КУЛТУРНО УМЕТНИЧКИ РАБОТНИЦИ, ФУРИОН, ЗАА, БЛА БЛА БЛА, БАИЛДСА, ДРАМ’ЕН’БРАС ТРИО, додека на втората фестивалска бина досега потврдени се настапите на ЏУН, БРУКА БЕНД, ОРАТНИЦА и РЕТРО КАБАРЕ.
Наскоро очекувајте ја комплетната програма за втората и третата бина на фестивалот, како и бројните дополнителни активности кои ќе се одвиваат во рамки на кампот за незаборавно искуство и дружење на посетителите на петтиот Д ФЕСТИВАЛ.