МК Сцена
Бугарската претстава „Автобус“ ќе го отвори фестивалот „Гола месечина“
Третиот Интернационален фестивал на комедијата „Гола месечина“ вечер во Спортскиот центар Ново Лисиче во општина Аеродром ќе почне со гостување на ансамблот од Сатиричниот театар „Алеко Константинов“ од Софија, кој ќе ја изведе претставата „Автобус“ од Станислав Стратиев во режија на Здравко Митков.
– Станува збор за приказна во која деветмина патници патуваат во градски автобус кој одеднаш скршнува од својата рута. Патниците сфаќаат дека никогаш нема да стигнат на посакуваната дестинација. Во својот страв, паника и терор тие се претвораат во агресивна маса, информира Театар Комедија, кој го организира фестивалот заедно со Општина Аеродром и со поддршка на Министерството за култура.
Драмата „Автобус“ е напишана во 1980 година, а авторот Стратиев е еден од најголемите сатиричари на бугарската драма и литература. Улогите во претставата ги играат: Тончо Токмачиев, Александра Сарчаджиева, Мартина Вачкова, Михаил Сарвански, Красимир Куцупаров, Светломир Радев, Петар Ладжев.
На годинашниот фестивал „Гола месечина“ публиката до 29 јуни ќе има можност под отворено небо да проследи уште седум претстави, од домашна продукција, но и од театри од Софија, Ниш, Белград и Сараево. Влезот за сите претстави е бесплатен, а СЦ Ново Лисиче собира до три илјади гледачи.
Според најавената програма, на „Гола месечина“ утревечер ќе гостува Народниот театар Сараево со претставата „Балкански шпион во Сараево“ од Душан Ковачевиќ во режија на Сулејман Кусуповиќ. На 23 јуни ќе настапи НТ „Војдан Чернодрински“ од Прилеп со претставата „Хамлет од Горно Дупени“ од Иво Брешан во режија на Кирил Петрески, а на 24 јуни Белградскиот драмски театар ќе гостува со претставата „Елинг“ од Сајмонт Бент во режија на Марко Манојловиќ.
Народниот театар од Охрид на 26 јуни ќе се претстави на „Гола месечина“ со „Парламентарки“ од Сашо Димоски во режија на Ненад Витанов, а следниот ден Народниот театар од Ниш ќе гостува со претставата „Жорж Данден“ од Молиер во режија на Драгослав Савиќ.
На 28 јуни ќе настапи Театарот за деца и младинци со „Македонска приказна“ во режија на Боњо Лунгов, а фестивалот ќе го затвори театарот-домаќин – „Комедија“ на 29 јуни со изведба на „Нешто пропуштаме“ од Горјан Милошевски во режија на Бојан Трифуновски.
На завршната фестивалска вечер ќе бидат доделени и четири награди – за најдобра режија, машка улога, женска улога и Гран-при за најдобра претстава.