МК Сцена
Дуке Бојаџиев со проектот „Сон, верба, љубов“ на „Охридско лето“
Македонските уметници отсекогаш биле неизоставен ден од програмата на фестивалот „Охридско лето“ така што утрешниот ден целосно ќе биде посветен токму на домашни уметници, преку концертите на младата виолинистка Софија Никовска и пијанистот Филип Маџунков во придружба на Камерниот оркестар од Софија, како и спектаклот – последниот проект „Сон, верба, љубов“ на Дуке Бојаџиев.
– Фестивалот со овие концерти успешно ја реализира својата заложба македонските уметници да ја делат сцената со странски ансамбли, а особено македонски дела да бидат изведувани од странски камерни состави, понатаму оставајќи ја можноста токму македонски дела да бидат дел од нивниот репертоар, истакна музичкиот селектор на „Охридско лето“, Гордана Јосифова – Неделковска на денешната прес-конференција посветена на концертите од утрешната фестивалска програма.
Најавувајќи го концертот на македонскиот композитор и музички продуцент Дуке Бојаџиев, селекторката појасни дека се работи за фузија меѓу класичната, филмската и изворната музика.
– Покрај впечатливите изведби на македонските традиционални композиции, публиката ќе има можност да чуе и фолклорни елементи од албанската, турската и ромската музика што сето заедно создава автентичен пристап и заокружува една уникатна целина на маестрален начин како што може да направи само Дуке Бојаџиев, истакна Јосифова – Неделковска.
Проектот „Сон, верба и љубов“ во кој е инконпорирана музиката на Бојаџиев за филмовите „До балчак“, „Сенки“ и „Војната заврши“, музиката од неговиот последен албум „Љубовта е патот“, но и композиции што премиерно ќе бидат изведени токму на „Охридско лето“.
Бојаџиев исклучително возбуден што повторно е дел од „Охридско лето“, со нов материјал, нови соработници, но иста емоција каква што ја имал во неговиот прв настап пред фестивалската публика во 2011 година.
Оваа година негови гости на концертот ќе бидат Мартин Николовски – Шпато на контрабас, перкусионистот Костас Анастасијадис од Грција, кларинетистот Исмаил Лумановски, кој е редовен гостин на сите негови проекти, Тања Царовска како вокал, стринг-квартетот на Владимир Крстев, а концертот ќе го отвори младата охриѓанка Мартина Блажевска, која студира на Беркли Универзитетот во САД
– Проектот „Сон, верба и љубов“ носи една порака, која во коренот е македонска и која јас и останатите уметници ја пренесуваме низ светот. Музика која ќе имаме можност да ја презентираме тука во Охрид, и на огромно задоволство сето тоа да го крунисаме со концерт во „Карнеги хол“ во Њујорк на 8 октомври, рече Бојаџиев.
Уметникот и новинар Свето Стефановски на Дуке Бојаџиев во знак на почет кон неговото творештво и врвните уметнички достигнувања му подари уметничка слика.
Инаку, концертот на младите уметници Никовска и Маџунков со Софискиот камерен оркестар ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ со почеток од 21 часот, додека концерот на Дуке Бојаџиев е на Античкиот театар од 22:30 часот.