МК Сцена
ЕНЕРГИЧНИ ДО ПОСЛЕДНАТА МИНУТА: „Тексас“ посакуваат повторно да се вратат во Македонија (ФОТО+ВИДЕО)
Салата на спортско рекреативниот центар „Кале“ беше целосно исполнета за гостувањето на шкотските музичари „Тексас“ кои со експлозивна енергија одржаа концерт кој присутните долго ќе го паметат.
Пред нивниот настап за загревање на атмосферата се погрижија секогаш одличните „Ареа“, кои и самите можеа да одржат целовечерен концерт во салата. Интересно е тоа што ова е еден од ретките концерти кога публиката веќе беше целосно дојдена и за настапот на предгрупата.
„Тексас“ го започнаа концертот со „I Don’t Want A Lover“, песна која веднаш ја активираше, жедната за одлична забава, присутна публика, а потоа следуваше и безвременската „Summer son“ по која се знаеше дека ова ќе биде концерт на кој публиката воопшто нема да седне.
Интересно низ целиот концерт беше позитивната енергија на Шарлин, која меѓу песните водеше забавни разговори, споделуваше детали за нејзината приватност и впечатоци од престојот во Скопје.
– „Три дена сме во Македонија, вчера имавме слободен ден и бевме во Старата чаршија, јадевме тавче-гравче и топло лепче. Вие навистина имате талент за готвење, вашата храна е неверојатна! Признавам, сакам да јадам. Не сум од тие „skinny bitch“ пејачки. Ми треба храна и енергија за да ми работи мозокот!“ – рече Спитери прашувајќи се како досега немале концерт во Скопје.
Фановите на популарната група имаа можност да уживаат во интимно шоу кое траеше речиси два часа. Шарлин иако има 50 години, беше полна со енергија и ниту во еден момент не застана да земе здив, туку напротив беше еуфорична до последната минута.
– „Имам 50 години. Размислувам како да имам осумнаесет, а имам тело како на седумнаесетгодишна девојка!“ – шеговито се обрати на публиката.
Следуваа и песни од нивниот последен албум „Jump On Board“, а на крајот од концертот се чуваа најдобрите хитови – таа ги отпеа „Inner Smile“ и „Say What You Want“.
Очекувано, бисот беше резервиран токму за Елвис и „Suspicious Minds“.
Концертот беше во органзација на Авалон продукција и како дел од нивното одбележување на 25 години постоење.