Сцена
Филмот „М“ на Вардан Тозија од денеска во Кинотека
Најновото филмско остварување на македонскиот режисер Вардан Тозија „М“ – дистописката приказна за осамено момче од шумата, кое наидува на низа предизвици и авантури, барајќи ја својата самовила, од денеска ќе се прикажува во Кинотека.
Денешната проекција (24 октомври) на филмот е на програмата во 18 часот, а потоа во среда (25 октомври)-18 часот, четврток (26 октомври)-18 часот, петок (27 октомври)- 20 часот и сабота (28 октомври)- 20 часот.
-Надежта го одржа човештвото, но нè одведе предалеку. Ја уништивме планетата. Па се навртевме едни против други. Вистинското прашање е, кој го носи вирусот? Ние или тие? Тие се заразени со гневот, но не се напаѓаат едни со други. А ние, малкумината кои останавме, се’ уште се убиваме меѓу себе…
Вардан Тозија (1981, Скопје, Македонија) дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, Македонија, филмска и ТВ режија. Посетувал и предавања на правни и политички науки на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Режирал неколку кратки и документарни филмови и телевизиски серии, неговиот дебитантски игран филм АМОК (2016) премиерно бил прикажан на Меѓународниот филмски фестивал во Чикаго, а бил селектиран и на повеќе од триесет филмски фестивали низ целиот свет, вклучувајќи го и фестивалот од А-листата во Шангај. АМОК доби значајно признание од филмската критика и се здоби со бројни награди. Филмот „М“ е втор долгометражен филм на Тозија.
Сценариото е на Вардан Тозија и Даријан Пејовски, продуценти се Дарко Попов и Вардан Тозија, а филмот е работен со копродуценти од Франција, Хрватска, Косово и Лукембург.
Актерската екипа која ја сочинуваат: Матеј Сиваков, Сашко Коцев, Александар Ничовски, Камка Тоциновски, Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Верица Недеска, Владимир Тулиев, Оливер Митковски, Мирослав Петковиќ, Жаклина Петровска, Благоја Веселинов, Борис Дамовски, Јамина Билаловиќ, Михајло Миленковски и Тони Михајловски.
Кинематографер е Владимир Самоиловски, костимите се дело на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек, музиката е на реномираниот филмски композитор Натаниел Бергес (Nathanaël Bergèse) во соработка со францускиот ко-продуцент „Les Contes Modernes“.
Филмот е поддржан од Агенција за филм, Хрватскиот аудио визуелен центар, Косово филм центар, SACEM (Франција) ТВ ТелМа (Македонија), Agora Co-Production Market at IFF Thessaloniki 2019 ScriptTeast 2020 – Script Development Workshop (Poland, Germany, France) Sofia Meetings (WiP) at IFF Sofia 2020.