МК Сцена
ФИЛМСКИОТ СВЕТ СЕ СЕЛИ ВО БИТОЛА: Вечерва започнува 37. издание на „Браќа Манаки“
Кинематографери, режисери, актери и други претставници од филмската индустрија од целиот свет вечер по 37. пат ќе бидат заедно на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.
Привилегијата за свечено отворање на Фестивалот овој пат припадна на тимот што го подготви и снимаше на повеќе локации низ државата вклучувајќи го и домаќинот на овој голем културен настан, филмот „Ослободување на Скопје“, македонско-хрватска-финска продукција, во режија на Раде Шербеџија и Данило Шербеџија.
Македонската премиера на „Ослободување на Скопје“ ќе ја следат легендарниот Раде Шербеџија, Луција Шербеџија и Силвија Стојановска, Мико Ноусаинен, Небојша Глоговац, Петар Мирчевски, Јари Вирман, Дејан Лилиќ, Денис Абдула, Аксел Мехмед и друга бројна публика која извесно е дека ќе ја исполни до последното место, индормираат од пресс центарот на ИФФК „Браќа Манаки“.
На свеченото отворање на фестивалот, на Оскаровецот Џон Сил ќе му биде врачена златна „Камера 300“ за животно дело, а писмо од Роби Милер ќе прочита Клер Пијман, негова соработничка и авторка на документарен филм за Милер.
– Првиот и најстариот фестивал на кинематограферите од светот ќе понуди исклучително квалитетна програма, а ќе одржат и свој конгрес. Тоа е потврда за концептот и рецептот за уште едно незборавно фестивалско издание, истакна директорот на ИФФК „Браќа Манаки“-Битола, Благоја Куновски во пресрет на вечерашното свечено отворање.
Фестивалската програма годинава ќе се реализира во повеќе објекти на националните културни установи во Битола како што се Музејот, Магазата и Центарот за култура во чии сали ќе бидат емитувани над 150 филмски проекции во различни категории. Филмовите во конкуренција за награди ќе ги оценува меѓународно жири предводено од Федон Папамихаил, годинешен добитник на специјална „Камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност.
– Фестивалот годинава се одржува под мотото „Почувствувај ја светлината, почувствувај ја Битола“, а свеченото отворање го режира Мартин Кочовски кој ангажира актери од битолскиот и прилепскиот театар, студенти од ФДУ и гимназијалци од овој град кои во своите перформанси ќе бидат придружувани од групата „Фолтин“. За фестивалот освен во државата има голем интерес и во странство и затоа акредитирани се над 120 новинари и други медиумски екипи од Македонија, но и од Словенија, Грција, Франција, Босна и Херцеговина, Србија…, потврди Александра Бубевска, портпарол на Фестивалот.
Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ секоја година се одржува под покровителство на претседателот на Република Македонија и со поддршка на Министерството за култура.