Музика
ФИНАЛЕ НА СИГЕТ: 100.000 луѓе ја затворија забавата на Островот на слободата (ФОТОГАЛЕРИЈА)
Вчеравечер официјално беше затворена забавата на 25-то издание на фестивалот Сигет на Островот на слободата во Будимпешта.
Преку 100.000 посетители за последен пат ги поминаа портите на најголемиот европски музички фестивал и беа дел од ултимативното шоу за затворање на фестивалот.
Програмата започна со „забава со бои“ со која беше прославена слободата, а потоа на главната фестивалска бина настапи англискиот инди рок бенд Алт-џеј.
Финалното шоу беше резервирано за белгиското диџеј дуо Димитри Вегас и Лајк Мајк кои приредија спектакл за помнење, со феноменални сценски и пиротехнички ефекти.
Со тоа официјално беше затворена програмата на главната фестивалска бина на Сигет, но забавата на островот продолжи до раните утрински часови.
Интересно е тоа што 25 издание на Сигет имаше помалку посетители од минатогодишниот рекорд, односно сите 7 фестивалски дена низ портите на фестивалот поминале повеќе од 450.000 посетители.
Организаторите велат дека дел од причината за ова е неповолната сигурносна ситуација во која се наоѓа Европа во моментов, но и несреќното откажување на голем број светски музички имиња од атрактивниот лајн-ап на фестивалот.
Посетителите на фестивалот дојдоа од преку 100 различни земји ширум светот, а околу 1.000 од нив беа од Македонија.
Оваа година и неколку холивудски ѕвезди беа забележани на Сигет. На настапот на Пинк, Ештон Кучер, Мила Кунис, Џастин Тероу и Лук Еванс го посетија островот, а тие се забавуваа и наредниот ден на „Д Чеинсмоукерс“.
Голем број од артистите, како Иги Азелија, Д Чеинсмоукерс и Меклмор го прелетаа океанот само за да настапуваат на овој европски фестивал.
Организаторите потврдија дека наредната година Сигет ќе се одржи од 8-15 август.
Тие споделија и неколку интересни факти: оваа година Сигет го пречека осуммилионитиот посетител, девојка од Трансилванија, која доби „неограничена влезница“ за сите изданија на фестивалот. Исто така, оваа година за првпат на островот имаше и тајна забава на која се влегуваше преку врата од јавен тоалет кој носеше во скриен тунел.