МК Сцена
ФОТО: Од утре започнува караванот претстави на „Веселата училница со Маша и Медо“
Утрово енергичната дружина на детската едукативна претстава “Весела училница”, зад која се потпишуваат Продукција Сцена и ИК Култура ја собра седмата сила на кафе дружба во хотелот Стоун Бриџ.
Поводот, утрешната премирна изведба на “Весела училница” во Центарот за култура во Битола, со што официјално започнува детскиот едукативен караван кој во периодот од 18 април до 7 јуни ќе помине низ 8 градови во Македонија.
Станува збор за детска, но пред се едукативна претстава, инспирирана од вечниот страв на дечињата од одењето на училиште. Идејата е низ дејствието преку преку преку примерот на омилените детски ликови да се искорени стравот од одење на училиште, на еден духовит и хумористичен начин да се покаже дека учењето може да биде забавно, весело и интересно.
Покрај медиумите, организаторите и генералниот спонзор Еуролинк, на прес конференцијата беше присутна и речиси целокупната актерска екипа предводена од режисерот Игор Ивковиќ. Марко Новески, Весна Пановска, Виктор Велевски, Лазе, Теодор Наневски, кои се кријат зад ликовите на Маша, Медо, Џеронимо Стилтон, Бошко Лошко и полжавчето Доми.
Марко Новески кој во претставата се игра самиот себе, призна дека целиот процес на подготовка го вратил во детството и периодот кога и самиот бил ученик. Изјави дека особено интересна му се видела соработката со помалите “колеги”, од кои секој миг учи по нешто ново.
Весна Пановска е девојката која во “Весела училница” се крие зад ликот на малата Маша и строгата наставничка. На новинарското прашање дали смета дека оваа претстава би можела да ги скроти дечињата кои во секојдневието се поистоветуваат со палавата Маша, одговори оти од улогата која истовремено е и пркосна и палава, но и умна и љубопитна, дечињата несомнено ќе извлечат поука како да гледаат на училиштето како на место каде може да се дружат, социјализираат, забавуваат но и нешто да научат.
Режисерот Игор Ивковиќ изјави дека ова е не само детска едукативна претстава, туку сериозен мултимедијален проект, во кој преку реплики, звуци и видеа се третираат теми интересни и соодветни за дечињата од предучилишна и рана школска возраст. Вистински начин како преку интеракција и забава да се врати детскиот џагор и смеа во училиштето.
Сонговите ги отпеаја ДНК, музиката е дело на Александар Митевски.
Издавачката куќа „Култура“ оваа претстава ја подржува како дел од целата промотивна кампања за едицијата „Маша и Медо“ која брои 5 боенки, 8 сликовници и 2 интерактивни сликовници на македонски и албански јазик, за која ги има авторски права за Македонија. „Изданијата особено се популарни кај македонската публика. Светскиот успех ја покажува силата и потенцијалот на Маша и Медо. Приказните се издвојуваат како нешто оригинално и иновативно и едновремено и ги забавуваат и ги едуцираат децата за вредноста на вистинското пријателство, грижата, слободата икреативноста на еден забавен и ненаметлив начин. Публиката насекаде во светот позитивно реагира на тоа, што создава многу силна платформа за лиценцирање“, изјави Ана Ќовкарова извршен директор на ИК „Култура“
Во склоп на проектот генералниот спонзор “Еуролинк осигурување” во секој град ќе има поставено училишен двор, во кој децата, заедно со полжавчето „Доми“ од осигурителниот продукт „Доми Комплет“, ќе можат да се дружат и активно да учествуваат во низа интерактивни игри и да освојат награда. Особено интересна е играта „Не лути се Доми“ каде што децата ќе бидат во улога на фигури и ќе се движат по големо платно во манир на познатата игра „Не лути се човече“. Училишниот двор се поставува од 11.00 до 14.00 часот во секој град каде ќе се одржуваат претставите, раскажа Цветко Делев – менаџер за осигурување на имот и транспорт во Еуролинк.
Едукативниот караван почнува утре во Битола (18 април), а потоа продолжува во Охрид (19 април), Гевгелија (25 април), Струмица (26 април), Кавадарци (16 мај), Велес (30 мај), Куманово (31 мај). Проектот завршува со изведба на „Веселата училница“ во Скопје, на 7 јуни, во Македонската опера и балет. Во сите градови претставата започнува во 12.00 часот.
Цените на билетите почнуваат од 150 денари за една влезница и една боенка со Маша и Медо подарок, преку 250 денари за пакет од две влезници и една боенка подарок, па се до 350 денари за три влезници и две боенки подарок.