МК Сцена
ФОТО: Со ПИН музичката конференција започнува програмата на ТАКСИРАТ 17
Седумнаесеттото издание на ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ ги отвори вратите за своите посетители со првиот настан од офф-програмата, големата ПИН музичка конференција денес и утре (27.-28. ноември) се одржува во МКЦ во Скопје.
Во рамки на ПИН конференцијата во Скопје овие два дена гостуваат повеќе од 200 музички експерти и 100 музичари од 22 земји од Европа, кои на публиката ќе и се претстават со повеќе од 40 шоукејс настапи и концерти, 20 панел дискусии, работилници, филмови и секако настапите на финалистите на возобновениот ЛУЗЕР ФЕСТ со кој и ќе биде затворен вториот европски саем на музичките работници!
Само во рамки на музичката „шоукејс“ програма на конференцијата, во МКЦ ќе имаме прилика да ги чуеме во живо дел од најквалитетните веќе докажани и нови имиња од музичката сцена кај нас како CHALGIA SOUND SYSTEM, JUNE, ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ, ЉУБОЈНА BRASS FANTASY, PROJECT 2501, FORMLESS TERROR и други. Покрај македонските изведувачи, „ПИН“ ќе ги пречека и новите музички таленти од повеќе земји од странство, меѓу кои ALBERTHAIN од Германија, JOUYCUT од Италија, KANDZIJA I GOLE ZENE од Хрватска, LUDOVIC MATERIAL од Словенија, ZRNI од Чешка, PANNONIA ALLSTARS SKA ORCHESTRA од Унгарија и THE ILLS од Словачка.
Исклучително атрактивна е и дневната панел-програма на конференцијата, во чии рамки „ТАКСИРАТ“ и „ПИН“ ќе бидат домаќини на голем број музички промотoри, продуценти, менаџери, новинари, културни активисти, претставници на најголемите музички фестивали во Европа, а само мал дел од нив се: GLASTONBURY, EUROSONIC NOORDERSLAG, SZIGET, EXIT, PRZYSTANEK WOODSTOCK, POHODA, MELT!, BERLIN FESTIVAL и тн.
Годинава „ПИН“ конференцијата се одржува како дел од меѓународниот проект кој го предводи ЗКУ „Таксират“, насловен „West is the best”. Проектот е поддржан од страна на „Вишеград Фонд“ (the International Visegrad Fund), а се реализира под водство на ЗКУ „Таксират“ од Македонија и во партнерство со AAA Production (EXIT; Србија), Dokufest (Косово), Pohoda festival (Словачка), Sziget Festival (Унгарија), Colour meeting (Чешка) и Ethno Port Poznan (Zamek Culture Center; Полска).
По завршувањето на овој викенд, офф-програмата на ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ продолжува со:
концертот на РУНДЕК КАРГО ТРИО на 30ти ноември во МКЦ, Скопје;
РЕТРО МАТИНЕ на 3ти декември во МКЦ, Скопје – забавата наменета за пензионерите кои во рамки на овој несекојдневен настан од 11:00 до 18:00 часот со богата програма ќе имаат ретка прилика заедно со ТАКСИРАТ да покажат дека музиката и забавата не познаваат граници и не прашуваат за возраста. Со разновидна програма, музички настапи, модна ревија и видео проекции РЕТРО МАТИНЕ е еден незаборавен ден и исклучетелно забавен настан со најискусните познавачи на скопските подимуи;
Македонската премиера на новиот хит на легендарниот актер Бранко Ѓуриќ – Ѓуро, стендап шоуто ЃУРОЛОГИЈА на 3ти декември во Дом на АРМ;
Самостојниот концерт на светската атракција 2CELLOS на 4ти декември во Метрополис Арена;
Настанот во знак на одбележување на Светскиот ден на волонтери – Taksirat Volunteers Day на 4ти декември во МКЦ, кој вечерта носи специјалната музичка програма „20 ГОДИНИ ТЕ САКАМ“ во знак на пролсавата на 20 години постоење на ПМГ КОЛЕКТИВ и 20 години од првиот настап на групата.
Финалето на ТАКСИРАТ 17 нѐ очекува на 7ми декември во Метрополис Арена, со одржувањето на главната вечер на фестивалот!
Програмата за оваа вечер е комплетирана и на големата сцена во Метрополис Арена ќе имаме чест да ги пречекаме виртуозното хрватско дуо кое го освој светот 2CELLOS, великаните на музичката авангарда LAIBACH, шведската power/heavy метал атракција SABATON, жестоките каталонци LA PEGATINA, култниот хип хоп состав С.А.Ф. и Тони Китановски Little Big Band и диџеј составот на лондонскиот дабстеп феномен MODESTEP за затворање на фестивалот.
Оваа вечер, македонската публика за првпат ќе има прилика да ги чуе во живо Sabaton, La Pegatina и Modestep, актуелните групи кои ја освоија светската сцена токму со своите извонредни настапи.
Култните Laibach доаѓаат претставувајќи го својот нов студиски албум „Spectre“ кој се појави по пауза од речиси 8 години и токму со концертот на ТАКСИРАТ ја започнуваат големата Sound of Music 2016 турнеја за овој албум. Македонските претставници пак, хип хоп легендата С.А.Ф. на ТАКСИРАТ доаѓа во полн состав и за прв пат ќе го изведе култниот албум „Сафизам“ во придружба на бенд, и тоа Little Big Band на реномирниот џез мајстор ТОНИ КИТАНОВСКИ.
Влезниците за концертот на 2CELLOS (на 4ти декември) и премиерата на ЃУРОЛОГИЈА (3ти декември) се веќе целосно распродадени, а за концертот на РУНДЕК КАРГО ТРИО се останати само уште многу мал број влезници. Побрзајте и за влезниците за главната вечер на ТАКСИРАТ бидејќи по распродажбата на промо-билетите, актуелната цена во претпродажба е 699 денари која ќе важи само до 1. декември.
Продажбата на билетите за сите настани во рамки на ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ се спроведува преку продажната мрежа на МКтикетс.