МК Сцена
ФОТОГАЛЕРИЈА: Ману Чао „растурија“ на финишот на Д Фестивал во Дојран
Подобар крај на Д Фестивал не можевме ни да замислиме. Ману Чао Ла Вентура разнесоа, за финиш на единствената фестивалска понуда летово, која се случи во Дојран од 17-ти до 19-ти јули.
Зад нас се 3 интензивни денови преполни со забава, уживање и славје. Вкупно 13.000 посетители, преку 1.000 шатори во фестивалскиот камп и неброени спомени од оваа историска приказна.
Имавме сензационален старт на Д Фестивал во петокот (17.07), уште поуспешна сабота и очекувано, најатрактивната последна ноќ. Совршениот крај беше одбележан со настапот на Ману Чао Ла Вентура, состав чиј настап не се опишува со зборови. Моќно, јасно и гласно, Ману Чао Ла Вентура забоде во срцата на сите присутни, кои се препуштија на силата на брилијантната група.
На главната сцена се претставија и Бла Бла Бла… Баилдса и Драм енд Брас трио, но она што најмногу ќе се помни секако се главните шестмина, предводени од Ману Чао.
Ману, Гамбит, Маџид, Филипе, Џанлука и Габриел, брилирираа со шармот, талентот, неприкосновената борбеност и страст, во амбиент кој нема наскоро да биде надминат ниту пак ќе се заборави. Ману Чао Ла Вентура покажаа и докажаа зошто ги предводат најголемите фестивали и одржаа показна вежба како еден бенд треба да функционира.
Шоуто траеше преку 2 часа и соодветно беше најавено со громогласен огномет над Дојранското езеро. Веќе со првата песна стана јасно дека ноќта ќе биде воодушевувачка. Следуваа сите легендарни теми кои ги знаеме на памет, некои до сега нечуени песни и многу силни пораки, спакувани во уникатниот панк – салса – француски шансон – румба стил и какви уште не аранжмани.
Во еден момент, на покана на Ману Чао, на концертот се појавија и тројца претставници на Студентскиот Пленум, движење кое Ману Чао го подржа уште во февруари.
Признаениот уметник, жесток, бескомпромисен и правдољубив човек со огромно срце, ни помогна да отвориме нова страница во фестивалското живеење во Македонија. Решени сме оваа приказна да се развива до степен во кој Дојран и Македонија ќе бидат важна точка на европската фестивалска мапа.
Покрај домашната публика, гости имавме буквално од цел свет. Можеби поважно, на Д Фестивал ја имаше цела Македонија. Различни профили на луѓе и возрасти што се претопија во позитивата на фестивалот кој се надеваме ќе прерасне во регионална атракција.
Им благодариме на сите кои зедоа учество во фестивалот, пред се’ на прекрасната публика која беше турбината на позитивниот амбиент и секако, на триесетината артисти кои ја скроија идеалната 3-дневна програма.
Одиме понатаму…