Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

ФОТОГАЛЕРИЈА: Свечено отворено 36. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

МК Сцена

ФОТОГАЛЕРИЈА: Свечено отворено 36. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

Центарот за култура во Битола синоќа беше најпосакуваното место за филмофилите од земјава. Триесет и шестото издание на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ заедно со партнерот Вип оператор свечено беше отворено со светската премиера на македонскиот филм „Лазар“ во режија на Светозар Ристовски.

Публиката што го пополни и последното седиште во салата, не ги штедеше дланките за да ја поздрави актерската и авторската екипа на филмот. Ристовски го изрази задоволството што светската премиера на неговиот нов филм се случи токму на фестивалот „Браќа Манаки“, каде пред три години ја доби наградата за најдобро сценарио во фестивалската програма „Манаки скрипт корнер“.

На светската премиера и претходеше доделување на наградите на двајцата лауреати на Специјалната награда „Златна камера 300“, Алексеј Серебрјаков и Бруно Ганц, како и добитникот на наградата за животно дело „Златна камера 300“, Ришард Ленчевски.

Со пораката „Помалку зборување, повеќе слики“ директорот на фестивалот Димитар Николов ја најави атмосферата во салата и додаде дека во наредните десет дена Битола ќе живее со многу гости од филмскиот свет.

This slideshow requires JavaScript.

Најавен со инсерти од неговите филмови прв на сцената се појави рускиот актер Серебрјаков, добитник  на Специјална награда „Златна камера 300“, која му ја врачи градоначалникот на Битола, Владимир Талевски.

-Не знам кому му текна да ми врачи награда, но тоа беше прекрасна идеја. Имам  51 година и вакви награди се доделуваат после 70-тата. Едно копче од костимот изгубив на Канскиот филмски фестивал и сега едно во Битола. Тоа мора да значи нешто. Добро би било во салата да седеше мојата жена бидејќи се што правам е за таа да се гордее со мене – рече Серебрјаков.

Уште не симнат од сцената,тој го зема телефонот и и се јави на сопругата: – „Ало, срце, јас сум на сцена и имаш поздрав“.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска му ја врачи Специјалната „Златна камера 300“ на актерот Бруно Ганц, кој се пошегува дека го оставил телефонот во хотел, па, за жал, не можел да и се јави на сопругата. Тој додаде:

-Поминав повеќе денови во Битола, со луѓе со навистина топло срце. Тие ми покажаа многу археолошки знаменитости, музеи и имав можност подобро да ја запознаам вашата култура. Мило ми е што се случи тоа.

IMG_1906

Министерката Канческа-Милевска потенцираше дека „Браќа Манаки“ е еден од ретките фестивали во светот што ја вреднува естетиката на филмската камера, кој секоја година ги обединува бардовите на европската и светската кинематографија и вљубениците во оваа уметност и ги презентира врвните остварувања на најдобрите кинематографери во светот но, и најновата македонска филмска продукција

-Денеска можеме слободно да кажеме дека Македонија е земја во која филмската дејност бележи голем подем, земја на исклучително креативни творци, уметници со голем творечки потенцијал кои создаваат големи домашни филмски остварувања, земја во која се снимаат филмови на странските продукции, земја која полека, но сигурно станува новата филмска дестинација на мапата на светската филмска индустрија – рече министерката.

Наградата на кинематограферот Ленчевски му ја врачи претседателот Ѓорѓе Иванов.

IMG_2195

-Им благодарам на моите учители од филмското училиште, на сите режисери што ми даваат шанса зборовите да ги преточам во слика и сите сниматели, кинематографери во светот, оти секој снимен филм е една мала лекција. Ви благодарам – се обрати Ленчевски.

Друштвото на филмските професионалци на Македонија ја додели наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на Дарко Марковиќ. Наградата во негово име прими неговиот син, Филип Марковиќ, а му ја додели претседателот на ДФРМ, Роберт Насков.

Од името на неговиот татко изрази жалост што не е во можност лично да се заблагодари на ДФРМ и на фестивалот.

Градоначалникот Талески, пак, остави сликите поубаво да зборуваат од него и порача – „Филмот е убав“, во контекст на годинашното мото на фестивалот.

IMG_1026

Покровителот на фестивалот, претседателот Ѓорѓе Иванов го прогласи фестивалот за отворен.

– Фестивалот „Браќа Манаки“ е интимен според неговата големина, но амбициозен во неговите цели. Можеби е релативно мал спореден со некои европски и светски фестивали, но праќа голема порака, а тоа е дека македонската публика има високи критериуми – рече тој.

Посебен шарм на отворањето му додаде оперската дива Наде Талеска, со изведба на препознатливиот дел од музиката на филмот „Петтиот елемент“, на францускиот композитор Ерик Сера. За да биде комплетен впечатокот се погрижија и танчерите од „Скопје танцова школа“ предводена од Рисима Рисимкин. Режисер на церемонијата беше Благој Мицевски, а публиката ја шармираше актерот од Народниот театар од Битола, Огнен Дранговски, кој прв пат беше во улогата на водител на отворањето на фестивалот.

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од МК Сцена

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.